Филипче: Вајц го демантира Мицкоски, нема никаков напредок

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес конференција на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче

Премиерот Христијан Мицкоски многу сака да ја негира реалноста, да ја прикаже поинаку, ама очигледно е дека не може. Вели дека не знае за изјавите на известувачот и европратеник Вајц и дека Извештајот е „комплетен антипод“ на она што навистина се случува.

Вајц експлицитно вели дека не гледа сериозна посветеност на Владата за реформите, особено во владеење на правото, со директна оценка дека „во последната година не видовме никаков напредок во однос на евроинтеграцијата, ниту пак во делот на реформите“.

Известувачот Вајц јасно и недвосмислено ја критикува оваа власт поради блокирањето на европскиот пат на Македонија.

Европа јасно порачува: нема напредок додека не се исполнат условите, а тоа вклучува и уставни измени.

И наместо да ја прифати критиката премиерот повторно влезе во негирање.

Јавно вели дека „нема да отстапи ни милиметар“ и дека малцинствата, како Бугари, Хрвати, Црногорци, нема да влезат во Уставот.

Наместо да работи на реформи, оваа власт работи на креирање конфликти со соседите, анти-европска пропаганда и изолација на земјата. И додека го блокира европскиот пат, половина ВМРО, вклучително и најблиски соработници на премиерот имаат бугарски пасоши. Е тоа е нивниот лажен патриотизам.

Наводно го бранат идентитетот, а приватно земаат бугарски, европски пасоши.

Затоа младите масовно се иселуваат од земјата, затоа што не гледаат перспектива на чело со Мицкоски.

Додека регионот оди напред кон ЕУ, ние тапкаме во место.

Веќе е формирана комисија која го пишува договорот за пристап на Црна Гора во Европската Унија. Црна Гора која стана независна држава една година откако ние го добивме кандидатскиот статус за ЕУ. Денес Црна Гора е на чекор до членство, а после неа веднаш следува Албанија.

Се поставува прашањето кој губи? Губат македонските граѓани, никој друг, губи држава.

Се губат европските пари, се губат европските фондови и грантови, се губат структурните фондови кои можат тука по примерот на другите земји кои што се приклучија во Европската Унија да значат подобра инфраструктура, патишта, пруги, болници, училишта, градинки.

Се изгубија фондовите за поддршка на земјоделството. Зошто? ИПАРД го нема, Европа го блокираше затоа што ги фатија членовите на ВМРО-ДПМНЕ како крадат европски пари.

Значи Европа не носи само еден единствен отворен пазар, и подобро образование и подобро здравство, социјална состојба во државата, туку само Европа е единствениот начин со кој што нашето општество може да просперира.

А што прави премиерот, се обидува со различни теми, создавање на меѓунационални конфликти, навреди за секој кој мисли поинаку и создавање поделба во општеството дека нешто може да направи. Ги навредува граѓаните и ги нарекува „медиокритети“, „талог на општеството“, „мочуриште“.

Еден добар пример е Унгарија која што кога се ослободи од власта која што беше рамна на диктатура, веднаш доби милијарди евра помош од ЕУ, пари кои што беа заробени.

Мицкоски повеќе не може и не смее да ги лаже ниту граѓаните, ниту Европа.

А Вајц само го потврдува она што граѓаните секојдневно го чувствуваат. Оваа влада не сака во ЕУ, затоа што сака партиска контролата врз институциите, затоа што сака партиски медиуми, затоа што сака партиско правосудство и затоа што сака државни ресурси кои што ќе бидат користени само партиски тендери.

СДСМ останува цврсто на европскиот пат. Ние нема да дозволиме Македонија да биде слепо црево на Балканот само за Мицкоски и ВМРО-ОКГ да продолжат да крадат.

Доаѓа време на вистина, правда и одговорност.