Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција, укажа дека премиерот Мицкоски го менаџира централниот буџет како „купи ден – продај“, без стратегија и план, што остава сериозни последици врз граѓаните и економијата. Филипче посочи дека Мицкоски ја води државата како дилетант, во економска, финансиска и социјална бездна.
„Мицкоски го менаџира буџетот како „купи ден – продај“. Се задолжува без стратегија, без план и без никаква грижа колкава сума на пари утре ќе враќаат сите граѓани. Што е важно, важно е само да има пари за нивните криминални тендери“, рече Филипче.
Тој истакна дека во услови на вакво несериозно менаџирање со буџетот, дефицитот е продлабочен, реализцијата на приходите потфрлува.
„Буџетот е во сериозна криза. Дефицитот веќе достигна 408 милиони евра. За само три месеци се реализираа дури и 63% од вкупно планираниот дефицит за цела година. Приходната страна е со едвај нешто околу 20% реализација. И оваа буџетска дупка значи само едно, а тоа е нови задолжувања“, рече Филипче.
Притоа, Филипче додаде дека додека власта се задолжува, нема конкретни мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните и поддршка за ранливите категории на граѓани.
„За граѓаните нема пари од 600 евра минимална плата, нема пари за мерки против поскапувањата, нема пари за ранливите категории на граѓани, нема никакви субвенции ниту за земјоделците. Каква трета економија во Европа, каква некаква одлична кондиција на буџетот, нема пари за ништо. Луѓето живеат сè потешко, економијата се распаѓа. Мицкоски ја води државата како дилетант, во економска, финансиска и социјална бездна“, рече Филипче.
На прес-конференцијата, Филипче укажа дека во индустријата која е столб на економијата се губат работните места, а странските инвеститори веќе немаат интерес за инвестиции во Македонија поради промашените политики на власта.
„Според Државниот завод за статистика само за една година бројот на вработени е намален за 2,8% или во апсолутна бројка изгубени се околу 4 000 работни места само за една година. Односно во март 2026 година е намален бројот на работници во индустријата споредено со март 2025 година. За 60% е намалено нивото на странски инвестиции во државава, поради недовербата во владата, нереализираните реформи и секако влошената деловна клима“ , рече Филипче.


