Филипче: Нулта толеранција за корупција ќе биде првиот закон на новата влада

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција рече дека Македонија се соочува со сериозна економска и финансиска криза како резултат на дилетантските политики на Мицкоски, криминалот и корупцијата.

Тој оцени дека државата се движи кон финансиски крах, посочувајќи дека јавниот долг е зголемен за нови две милијарди евра, а парите наместо за плати, пензии и мерки се користат за „испумпување пари кон партиски фирми“ преку криминални тендери.

„Практично се користат сите механизми за да се испумпуваат пари од буџетот кон партиските фирми на ВМРО, криминалната група, и ништо друго не е суштина на овој тип на задолжување во изминатите две години“, истакна Филипче.

Во тој контекст, тој го промовираше „Фронтот за вистина и правда“, кој, како што рече, обединува опозициски партии, граѓански организации, интелектуалци, активисти и млади околу европските вредности и борбата против корупцијата.

„Денес го објавувам Фронтот за вистина и правда кој го сочинуваат опозициски партии, граѓански организации, невладини организации, видни интелектуалци, поединци, независни активисти, млади, сите обединети околу вредностите за Европска Македонија“, порача Филипче.

Тој објасни дека програмата на фронтот се темели на четири столба:

Нулта толеранција за корупција и европска правда;

Иднина за младите;

Достоинствен живот за сите и подобар животен стандард;

Силно село и земјоделци.

Филипче најави дека првиот закон што ќе го потпише новата влада ќе биде Закон за нулта толеранција на корупција и целосна дигитална транспарентност.

„Тоа е првиот закон кој што јас како премиер на новата влада после изборите ќе го потпишам во интерес на сите граѓани и во интерес на иднината на земјата“, рече Филипче.

Законот, предвидува целосна имплементација и проширување на соработката со Европското јавно обвинителство, формирање независна Национална антикорупциска дирекција по романски модел, целосна дигитализација на тендерите и јавните услуги, електронски декларации за имот со вештачка интелигенција и силна заштита за свиркачите.

„Ова не е само закон, ова е гаранција дека корупцијата ќе има име и презиме и датум на суд. Секој кој го прекршил законот ќе одговара“, истакна Филипче.

Тој порача дека граѓаните веќе немаат доверба во системот и дека се потребни конкретни дела наместо празни ветувања.

„Потребни се конкретни дела кои од корен ќе го сменат системот. Конкретна работа која што на граѓаните ќе им даде гаранција“, рече Филипче.

Борбата против корупцијата и враќањето на европскиот пат се директно поврзани.

„Единствена причина зошто не прават чекор напред кон Европа е да се продолжи со своите коруптивни практики. И тоа мора да престане“, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче.