Филипче: Распишете референдум за ЕУ!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче

Вчера го слушнавме Христијан Мицкоски, рече нема повеќе отстапки за влез во Европската Унија, подготвени сме да ја платиме цената. Се поставуваат две прашања – кои се тие отстапки и кои се тие што ќе ја платат цената? За отстапките слушнавме до сега. Се што кажаа, всушност било една голема лага. Ќе го враќаа името, ќе го поништуваа Преспанскиот договор, биле загрозени јазикот, идентитетот и така натаму.

И таа лажна кампања постепено почна да се разобличува изминатиот период и веќе граѓаните знаат. Ништо тоа не е вистина. Христијан Мицкоски самиот призна дека Преспанскиот договор е ремек дело на дипломатијата. Претседателката Сиљановска Давкова призна дека со договорот, внимавајте, е потврден идентитетот и јазикот, Тимчо Муцунски го слушнавме кажа дека со влезот во НАТО загарантирана е безбедноста и се подобрува бизнис климата во државата. За жал, тоа тие не знаат и не можеле да го искористат.

И кој ќе ја плаќа таа цена? Тоа нема да биде Мицковски, нема да бидат неговите соработници, неговите министри. Сите тие имаат бугарски пасоши во џебовите. Тоа нема да биде неговата криминална банда.

Цената ја плаќаат сите граѓани. Цената ќе ја платиме сите ние. Нашите семејства, децата и младите.

Оваа банда на власт едноставно не знае како да се води државата. Нема капацитет, знаење за ништо. Ја презадолжија земјата. Стандардот го урнисаа. Граѓаните едвај преживуваат од први до први во месецот. Следните генерации, кој знае колку понатаму, ќе враќаат огромни суми на пари за камати и кредити кои што не беа потребни, ниту се искористени така како што треба. Нема мерки во оваа криза за загрозените категории на граѓани.

А оваа власт сега повторно лаже, сега дека Европа ни го загрозува идентитетот. Единственото нешто што е во овој момент загрозено е иднината на нашите деца и животниот стандард на граѓаните во државава.

Доста е веќе од лагите и пропагандата на криминалната група на власт. Едноставно доста е. Граѓаните се будни, свесни се, не се наивни, не можете повеќе да ги лажете.

Сите веќе ја знаат вистината. Мицкоски и бандата не сакаат во Европа затоа што таму има одговорност. Таму се одговара пред европски обвинители за криминал и за корупција. И затоа не држат како заложници. Затоа се создаваат вештачки конфликти. Затоа се идентификуваат лажно внатрешни предавници и надворешни вештачки непријатели.

На власта и е добро. Тие не живеат лошо како граѓаните. Со бугарските пасоши во џеб, со криминалните партиски тендери, со владините авиони на плажа, додека народот не може да преживее.

И кога ќе дојде време, тие ќе ја напуштат државава, ќе живеат во некоја европска земја и ќе остане Македонија опустошена, сиромашна и безнадежна. И јас тоа не го прифаќам. И Социјалдемократскиот сојуз на Македонија тоа не го прифаќа.

Нема да дозволиме децата да се селат во Европа, во Америка, во Австралија. Не сакам нашите деца да растат тука во оваа земја, која што е безнадежна, којашто нема иднина и во којашто не ја гледаат својата шанса.

Затоа ова веќе не е политичко прашање. Ова е прашање на сите нас, за секој еден граѓанин, за нашите семејства. Едноставно прашање за нашата иднина.

Ова, почитувани граѓани, е референдумско прашање. Не може Христијан Тино Мицкоски да одлучува за нашите судбини.

Едноставно, доста е. Мора граѓаните да одлучат за тоа. Затоа што граѓаните, нивните семејства, нивните деца, ќе ја плаќаат цената на овие погрешни политики на Мицкоски.

Затоа граѓаните се единствени кои што можат да одлучат за својата судбина. Не сакаме сите да ја плаќаме оваа цена. Сакаме иднина.

Распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите кои што живеат во државата.