Соопштение за јавност
Денеска и официјално истекува рокот што самиот Христијан Мицкоски го постави пред граѓаните за исполнување на обврските од Реформската агенда а реформската агенда не е исполнета, се потврди уште една јасна и недвосмислена лага на Мицкоски, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
„Во рамките на Реформската агенда, до јуни 2025 година требаше да бидат донесени 16 закони. Тогаш беа донесени само шест. За останатите 10 беше добиено продолжување на рокот до јуни 2026 година. И што се случи? Од тие 10 закони повторно реализацијата е само 20 отсто, односно донесени се само два закони. Па што треба? Продолжување на продолжението? Тоа ли нè чека? Таква ли власт сакаме да нè води? Власт која нема капацитет буквално ништо да спроведе“, истакна Филипче.
Претседателот Филипче додаде дека станува збор за измени на Царинскиот закон и Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, додека најголемиот дел од клучните реформски закони остануваат недонесени.
Претседателот Филипче потенцираше дека не се исполнети ниту клучните обврски во правосудството, енергетиката, финансиската транспарентност и државната помош, области кои се директно поврзани со европските фондови и со напредокот на државата кон ЕУ.
„Владеењето на правото и независноста на институциите се нешто што апсолутно не е исполнето. Критичните закони од енергетскиот сектор и законите за финансиска транспарентност и државна помош, кои се директно поврзани со повлекувањето на следната финансиска транша од Европската Унија, исто така се далеку од завршување“, нагласи Филипче.
Претседателот Филипче посочи дека станува збор за намерно блокирање на реформскиот процес од страна на Мицкоски и организираната криминална група ВМРО.
„Граѓаните веќе се свесни дека ова е намерно неспроведување на Реформската агенда од страна на Христијан Мицкоски. Тој не сака владеење на правото и не му се потребни пари од Европската Унија кои ќе бидат контролирани. Наместо тоа, сака нетранспарентно задолжување и трошење без контрола“, рече Филипче.
Филипче порача дека Македонија нема време за нови лаги и нови одложувања, додека земјите од регионот напредуваат кон Европската Унија.
„Времето истекува, регионот оди напред. Црна Гора и Албанија веќе ги затвораат поглавјата за преговори. Оваа Влада едноставно не сака во Европа и затоа велиме – престанете да лажете“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.



