Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес- конференција порача дека клучен столб на “Фронтот за за слобода и правда“ е новиот Антикорупциски закон, кој предвидува целосна дигитализација на системот, соработка со Европското обвинителство и силна заштита на укажувачите на корупција. Филипче посочи за овој закон се земаат искуствата на повеќе европски земји, со цел да се создаде ефикасен механизам за борба против корупцијата и злоупотребите.
„Столб на Фронтот е Антикорупцискиот закон, за кој што земавме пример од повеќе европски земји, од Естонија најмногу, со целосна дигитализација во тој систем. Вториот дел од Антикорупцискиот закон е соработка со Европското обвинителство, на кое што никој нема да може да влијае, како и заштита на сведоците кои што ќе пријавуваат коруптивни зделки“, рече Филипче.
Тој додаде дека повикот за приклучување во Фронтот е јавен, до сите граѓани кои сакаат држава во која чесно се живее, со подобар животен стандард, сигурност и перспективи за сите.
„Ова е јавен повик, затоа што ова треба да го интересира секој еден добронамерен и чесен граѓанин на државата, кој што сака, знае и верува дека во државава може да се живее чесно и достоинствено и да се има добри плати, да се има добри пензии и да се има добри и задоволни земјоделци, среќни студенти, задоволни наставници, професори и доктори, а не ваква власт која што ќе ги краде“, рече Филипче.
Воедно, Филипче посочи дека една од главните цели на Фронтот за вистина и правда е да се стави крај на криминалните политики на власта и да се обезбеди европска иднина за државата.
„Затоа повикав на формирање и окрупнување на Фронтот, политички партии, граѓански организации, интелектуалци, луѓе што ја сакаат државата и што сакаат децата да имаат иднина овде во Македонија да се приклучат. Затоа што тоа е единствениот пат напред. Затоа што оваа криминална власт мора да замине. Затоа што освен што лаже и граба народни пари преку партиски фирми и партиски тендери, друго ништо не ја интересира“, рече Филипче.
Притоа, тој посочи дека на платформата на Фронтот секојдневно пристигнуваат пораки меѓу кои и од ВМРО, што е показател за внатрешните поделби во партијата.
„Како што стигнуваат на нашата платформа секојдневно мејлови, многу често и од членови на ВМРО, партија која што е така страшно поделена заради бизнис интереси, јас не знам како таа партија функционира и дали е тоа воопшто политичка партија. Тоа е едно интересно друштво кое што се пуштило да граба народни пари“, рече Филипче.



