Катастрофален извештај на ЕК за судството – контрола, притисок и мешање на власта

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Катастрофалниот извештај на Европската комисија за владеењето на правото е најсилната потврда дека правосудниот систем во државата е под сериозен политички притисок од ВМРО и Мицкоски, порача портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.

Кузеска посочи дека Европската комисија во својот најнов извештај јасно нотира мешање во судството и обвинителството, отсуство на реформи, широко распространета корупција и проблематични јавни набавки.

„Европската комисија во својот најнов извештај за владеење на правото јасно и недвосмислено нотира мешање и притисок врз судството и обвинителството од страна на претставници на власта. ЕК наведува дека нема реформи, има широко распространета корупција и проблематични тендери. Ова не е општа критика – ова е директна дијагноза на состојбата во која се наоѓа правосудниот систем во Македонија под актуелната влада на ВМРО-ОКГ“, рече Кузеска.

Таа потенцираше дека оценките на Европската комисија јасно се потврдуваат преку конкретни постапки и одлуки на власта.

„Она што Европската комисија го забележува како системски проблем, ние го гледаме секојдневно во конкретни постапки и одлуки на Мицкоски и неговата организирана криминална група. Поставување на луѓе блиски до ВМРО во клучни позиции во правосудството е веќе системска практика. Сопруга на ексградоначалник на ВМРО беше избрана за Судскиот совет, а обвинителка поврзана со Сашо Мијалков беше избрана, што покажува дека старата мрежа на криминал и контрола врз институциите повторно се враќа на власт“, обвини Кузеска.

Таа посочи и на директното влијание на извршната власт врз обвинителството и судството.

„Поставувањето советник на премиерот Мицкоски на позиција во правосудниот систем е директно мешање на извршната власт во независноста на судството. Изборот на новиот државен обвинител беше јавно најавуван и управуван од самиот премиер Мицкоски преку телевизиска емисија, што е директна повреда на уставната независност на обвинителството. Мицкоски јавно дискредитираше обвинителка со навреди како „медиокритет“, покажувајќи дека нема намера да ја почитува волјата на професионалните тела, туку сака да наметне свои кадри. Портпаролката на Владата, Митева, знаеше податоци за судски предмет и исход пред да биде јавно соопштено. Одземањето на предметот „Талир 2“ од поранешниот обвинител е класичен пример на политичко влијание врз текот на истрагите. Заканите кон опозицијата од собраниската говорница, а потоа и преку медиумите, дека „ќе одговараат“, се директно кршење на принципот на независно обвинителство. Закани кон претседателот на опозиционата партија и поранешни функционери се дел од истата кампања на притисок и заплашување. Приведување на поранешни функционери на СДСМ за време на изборната кампања се спроведуваат селективно и со јасна политичка мотивација. Јавното најавување на истраги од страна на премиерот пред да започнат постапките е грубо кршење на презумпцијата на невиност и директно мешање во работата на обвинителството“, обвини Кузеска.

Кузеска потсети и на селективното постапување на институциите, посочувајќи го случајот со 5 тони дрога за кој до денес никој не одговараше.

„До денес нема одговор како дрогата поминала редовно преку граница, без никакви податоци од полицијата, Safe City системот и царината. ДКСК и Јавното обвинителство речиси осум месеци не постапуваат по пријавите на Антикорупцискиот тим на СДСМ. Нема никаков одговор за криминалните тендери во вредност од над 150 милиони евра. Европската комисија го врати законот за високото обвинителство на доработка затоа што не е во согласност со препораките и не гарантира независност. Европската комисија во својот извештај за владеење на правото јасно предупредува дека измените на Кривичниот законик повторно создаваат простор за неказнивост, дека постои мешање и притисок врз судството од претставници на власта и дека процесот на реформи во правосудството е загрозен од политичко влијание“, потенцираше Кузеска.

Сето ова не е случајно. Ова е систематска политика на контрола врз институциите од страна на организираната криминална група ВМРО на чело со Христијан Мицкоски.

„Целта е јасна: да се спречи независното судство и обвинителство, да се заштитат криминалците и да се продолжи со неказнивоста. Затоа ВМРО намерно го кочат процесот на пристапување во Европската унија. Европа има свои механизми за независно обвинителство. Европското обвинителство би било надлежно во Македонија, па би морал некој да одговара за криминал и корупција, а тоа прво Мицкоски, а потоа и сите членови на неговата организирана криминална група од ВМРО не го сакаат“, потенцираше Кузеска.