Соопштение за јавност
Здравствениот систем во државата е доведен до колапс, а власта предводена од Христијан Мицкоски не ја исполнува основната функција на државата, да го заштити здравјето на граѓаните, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
„Ова што се случи во Гостивар не е само еден изолиран случај, станува збор за системски знаци на неефикасност и нефункционирање. Едноставно, здравствениот систем се распаѓа во држава под водство на Христијан Мицкоски и неговата екипа“, обвини Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека здравствениот систем се соочува со сериозни проблеми, недостаток на лекови, одложување на терапии, долги листи на чекање, нефункционални операциони сали, недостиг на кадар и несоодветно управување со јавните здравствени установи.
„Основната функција на здравствениот систем, а тоа е да го штити здравјето на граѓаните, очигледно дека како функција е нарушена. Пациенти со месеци чекаат да стигнат до хируршка интервенција, поради тоа што нема капацитет, ниту од аспект на кадар, ниту од инфраструктурен капацитет. Огромен број од операционите сали во повеќе клучни јавно-здравствени институции не функционираат веќе подолго време. Несоодветен кадар ги раководи највисоките јавно-здравствени установи. Десетина од универзитетските клиники кои едуцираат специјализанти и студенти не се водени од наставно-научен кадар, односно се водени од лекари кои не се наставници“, рече Филипче.
Опременоста, хигиената, недостигот на кадар и долгите листи на чекање создаваат сериозни проблеми во целокупниот здравствен систем.
„Наместо оваа власт да инвестира во работи кои ќе го подобрат квалитетот на здравствената услуга, сè што прават е да се сликаат со цел да постигнат само некаков пиар ефект. Во време на Владата на СДСМ, само еднаш еднократно се зголемија основните плати за 40 отсто, а вкупните примања за време на нашиот мандат надминаа 200 отсто кај лекарите специјалисти, посебно на универзитетските клиники“, нагласи Филипче.
Филипче посочи и на фактот дека со Фондот за здравствено осигурување, како една од најважните институции во здравствениот систем се поставени лица без соодветна стручна подготовка.
„Со Фондот на здравствено осигурување раководи човек чие основно образование е тренер. И тука не е прашањето на формалната диплома, туку каков е капацитетот да се управува со еден од најсложените и најчувствителни системи во државата.
Фондот кој располага со милијарди денари сега го води човек кој очигледно нема знаење и искуство во областа на јавното здравство, ниту во економијата на здравството. Здравјето на граѓаните е доведено во прашање. Оние кои дозволиле системот да функционира вака мора да понесат политичка одговорност“, порача Филипче.
Линк до видео:


