Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска оцени дека случајот со масовното труење во Гостивар е најсилниот доказ за системскиот распад на здравството под раководство на Владата на Христијан Мицкоски.
„Здравствениот систем во државата очигледно е во колапс. Ова што се случи во Гостивар не е само еден изолиран случај, станува збор за системски знаци на неефикасност и нефункционирање. Едноставно, здравствениот систем се распаѓа во држава под водство на Христијан Мицкоски и неговата екипа“, рече Филипче.
Тој нагласи дека трагичните случувања во Гостивар се последица на целосно нефункционален систем и неодговорно управување со институциите.
„Ова што се случи во Гостивар е само еден од показателите и најдраматичниот доказ за тоа колку системот е оштетен и лошо се менаџира од страна на оваа власт. Основната функција на здравствениот систем, а тоа е да го штити здравјето на граѓаните, очигледно е нарушена“, истакна Филипче.
Тој посочи дека распадот на здравствениот систем се гледа и во секојдневното функционирање на јавното здравство.
„Недостаток на лекови, одлагање на терапија поради недостиг на лекови на повеќе клиники, пациенти кои со месеци чекаат хируршка интервенција, операциони сали што не функционираат, несоодветен кадар кој ги раководи највисоките јавно-здравствени установи, недостиг од кадар, лоша опременост и хигиена – сето тоа прави сериозни проблеми во целокупниот здравствен систем“, рече Филипче.
Наместо да се инвестира во подобрување на здравствените услуги, Владата се занимава исклучиво со пиар.
„Наместо оваа власт да инвестира во работи што ќе го подобрат квалитетот на здравствената услуга, сè што прават е да се сликаат со цел да постигнат само некаков пиар ефект. При тоа, платите во здравството не се мрднати, нема никакво зголемување“, нагласи Филипче.
Во однос на трагедијата во Гостивар, претседателот на СДСМ посочи дека институциите со недели не реагирале, иако загадувањето било познато.
„Загадувањето на водата започнало уште на крајот на јуни. И внимавајте, никој не реагирал. Никој ништо не кажал. Ги оставиле луѓето во Гостивар да пијат загадена вода. Институциите со недели молчеле. Уште поскандалозно, не само што молчеле, туку ја прогласиле водата за питка“, рече Филипче.
Тој оцени дека случајот покажува целосен распад на контролните механизми во државата.
„И ова покажува дека контролните механизми во државата, во овој конкретен случај во рамките на здравствениот систем, едноставно не функционираат. Здравјето на граѓаните е доведено во прашање“, потенцираше Филипче.
Додека институциите молчеле, епидемијата се ширела.
„Додека обвинителството тактизирало, а сите здравствени институции и авторитети молчеле, епидемијата се ширела во Гостивар. Сите кои учествувале во прикривање на овие информации мора да сносат и политичка и кривична одговорност“, изјави Филипче.
Тој побара оставки од министерот за здравство, директорката на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветерина и од сите институции кои, како што рече, потфрлиле во заштитата на здравјето на граѓаните.
Воедно, Филипче побара итен вонреден надзор на сите водоснабдителни системи во државата и јавно објавување на резултатите од физичките, хемиските и микробиолошките анализи на водата за пиење.
Линк до видео:


