Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција побара политичка и кривична одговорност од сите институции кои дозволиле да се загрози здравјето на граѓаните и да се прикриваат информации за загадената вода во Гостивар.
„Сите кои учествувале во прикривање на информации мора да сносат и политичка и кривична одговорност. Министерот за здравство, директорката на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, соодветниот регионален Центар за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и обвинителството. Бараме политичка одговорност и оставки од овие луѓе, затоа што си поиграа и сè уште си поигруваат со здравјето на граѓаните, со уставно загарантираното право на граѓаните на здравје. Ете, со тоа си поигруваат овие луѓе“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека случајот со Гостивар е само уште еден доказ за целосниот системски распад на институциите, кои не реагираа навреме и покрај тоа што загадувањето на водата започнало уште на крајот на јуни.
„Тоа што се случи во Гостивар е само еден од показателите за тоа до каде е стигнат тој системски распад. Загадувањето на водата започнало уште на крајот на јуни. И никој не реагирал. Никој ништо не кажал. Ги оставиле луѓето во Гостивар да пијат загадена вода. Институциите со недели молчеле. При тоа, уште поскандалозно, не само што молчеле, туку и ја прогласиле водата за питка, дека можела да се пие. Па има ли крај на ова лудило? Кои се овие луѓе што ја водат државата? Знаат ли што прават?“, рече Филипче.
Тој нагласи дека особено загрижува тоа што ниту една од надлежните институции не поднела пријава, туку обвинителството постапило по допрен глас, што покажува дека системот целосно потфрли.
„Истрагата не е отворена врз основа на пријава од Министерството за здравство, Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје или Агенцијата за храна и ветеринарство. Основното јавно обвинителство морало да ја отвори по допрен глас. И ова покажува дека контролните механизми во државата, во овој конкретен случај во рамките на здравствениот систем, едноставно не функционираат. Здравјето на граѓаните е доведено во прашање“, рече Филипче.
Филипче порача дека тајноста на истрагата не смее да биде изговор за криење на информации од јавен интерес, особено кога станува збор за здравјето на граѓаните.
„Обвинителството ја користи тајноста на истрагата како изговор зошто информациите не се соопштувале навреме на јавноста. И ова е опасна замена на тези, затоа што квалитетот на водата не е тајна во рамките на истрагата. Тоа е факт и има јавно-здравствено значење. Граѓаните едноставно мора да го знаат. Како ќе се заштитеше населението, или како се штити населението, ако обвинителството не го кажува овој факт? Како резултат на овој пристап се отруја 3.000 луѓе во Гостивар. Додека обвинителството тактизирало, а сите здравствени институции и авторитети молчеле, епидемијата се ширела во Гостивар“, рече Филипче.
Линк до видео:



