Филипче: Не сме исти, ние ја гледаме државата како место за достоинствен живот, тие ја гледаат како плен

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Не сме исти, СДСМ ја гледа државата како место во кое секој треба добро и квалитетно да живее, додека за ВМРО државата е плен, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања.

„Сакаат да ја продадат приказната дека сите сме исти. Е, не сме исти. А не ни личиме едни на други. Ние ја сфаќаме државата како место во кое што секој треба добро и квалитетно да живее. Тие ја сметаат за плен. Ние дававме мерки за поддршка на граѓаните, тие парите ги крадат преку криминални тендери. Ние дававме зголемување на плати, пензии, поддршка на семејствата, тие планираат повторно да купат нов владен авион“, рече Филипче.

Токму во односот кон граѓаните и народните пари, најдобро се гледа разликата меѓу СДСМ и актуелната власт, додаде тој.

Претседателот Филипче потсети дека во време на големата криза Владата на СДСМ насочила 2 милијарди евра кон граѓаните, преку мерки за поддршка на различни категории, додека сега, и покрај растот на трошоците за живот, граѓаните не добиваат конкретна помош.

„Граѓаните не ја бираа оваа власт да споредува тоа како било порано. Сега очекуваат мерки. Во таа криза, да потсетам, 2 милијарди евра вкупен буџет беше насочен кон граѓаните, преку посебни мерки за различни категории граѓани. Социјални случаи, семејства со повеќе деца, студенти, стари луѓе и така натаму. Кој сега доби некој пакет во оваа криза со поскапувањето на горивата во изминатиот период? Никој“, рече Филипче.

Наместо поддршка за граѓаните, додаде тој, денеска растат сметките и цените, минималната плата останува 26.000 денари, а власта го одбива предлогот на СДСМ за нејзино зголемување на 600 евра.

„Сега што се случува? Каква поддршка имаат семејствата? Поскапува струјата, поскапува парното. Што може да очекуваат луѓето? 26.000 денари е минималната плата. Неколку пати го одбиваат нашиот предлог да се зголеми минималната плата на 600 евра. Кошничката достигна 70.000 денари“, рече Филипче.

Тој посочи дека реалните трошоци на едно семејство се уште повисоки и дека со сегашните примања луѓето тешко можат да обезбедат достоинствен живот.

„Ако се додадат другите трошоци, реални, кирија за стан или кредит за стан, надминуваат 90 и нешто илјади денари. Луѓето не може да преживеат“, рече Филипче.

Додека граѓаните се соочуваат со ваков притисок врз семејните буџети, власта ги троши парите на криминални тендери и проекти од кои граѓаните немаат интерес.

„Затоа што се трошат на криминални тендери, затоа што ги трошат за проекти кои што граѓаните немаат никаков интерес и сакаат да ја продадат приказната дека сите сме исти. Е, не сме исти“, рече Филипче.

Линк до видео: