Власта да го скрати својот луксуз и непродуктивното трошење на народни пари, а средствата да ги насочи кон граѓаните и работниците кои се соочуваат со раст на трошоците за живот, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Нека ги скратат тие трошоци и ете ги парите со коишто ќе се зголеми минималната плата. Така што, нека најде начин, власта, која може да се луксузира, да троши граѓански пари неотчетни, нетранспарентно, како сега за овој концерт, за што, примерот излажа дека биле потрошени 0 денари, па веќе следниот ден од кога ги извадивме документите, сите граѓани видоа дека лаже и дека троши граѓански пари, пари на граѓаните, народни пари за такви луксузни забави и прослави во ситуација кога има граѓани коишто не можат да го преживеат месецот“, посочи Филипче.
Филипче потенцираше дека во буџетот има ставки за луксуз – за мебел, автомобили и патни трошоци за членовите на власта, и порача овие трошоци да се скратат и средствата да се насочат кон зголемување на минималната плата.
Во услови на раст на цените и зголемени трошоци за живот, Филипче оцени дека сегашната минимална плата од 26.000 денари не е доволна за достоинствен живот.
„Оваа минимална плата е апсолутно недоволна за добар, квалитетен достоинствен живот, пред сè, би рекол, на работниците, огромен број на работници, над 70% од работниците коишто живеат со примања помеѓу минималната и просечната плата во земјата. Во услови кога минималната синдикална кошничка изнесува близу 70.000 денари, ако на тоа се додадат пари за закуп на стан, кирија или кредит којшто се враќа за станот, сумата стигнува 90 па и над 90.000 денари. Оваа минимална плата практично покрива само 37, односно 31 процент од вкупните трошоци. 37% ако се исклучи сумата на кирија или кредит за стан и 31% од вкупните трошоци ако семејството плаќа кирија или има кредит со којшто отплаќа стан. Значи ни три минимални плати не се доволни за да едно семејство преживее“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче укажа дека СДСМ по трет пат предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра, односно 36.960 денари.
„Предлагаме минималната плата да изнесува 600 евра, 36.960 денари, со што сметаме дека луѓето ќе може да имаат достоинствен живот, да обезбедат основни услови за живот, да ги покријат трошоците свои, на децата, едноставно да преживеат, посебно во оваа ситуација на криза“, порача Филипче.
Предлогот предвидува и субвенција за придонесите за приватните компании кои ќе ги зголемат минималните плати, со цел зголемувањето да не биде дополнителен товар за работодавачите.
„Значи и приватните компании да излезат во пресрет, да ги зголемат минималните плати, а разликата во придонесот којшто ќе произлезе од зголемувањето на минималната плата со помош, пакет мерки, да го преземе на свој терет власта“, рече Филипче.


