Сегашната минимална плата од 26.000 денари е недоволна за достоинствен живот, а во услови на раст на цените и зголемена потрошувачка кошничка, таа покрива само 31 процент од вкупните трошоци на едно семејство, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.
Филипче посочи дека огромен број работници, над 70 %, живеат со примања помеѓу минималната и просечната плата, додека трошоците за живот континуирано растат.
„Во оваа ситуација, на криза, на огромна цена на горивата, практично над 100 денари за литар гориво, за 50% зголемена цената на горивата од почетокот на оваа година, што повлече спирала на поскапување на сите продукти, најмногу на прехранбените продукти, што ја зголеми вредноста на потрошувачката кошничка, оваа минимална плата е апсолутно недоволна за добар, квалитетен достоинствен живот, пред сè, би рекол, на работниците – огромен број на работници, над 70% од работниците кои што живеат со примања помеѓу минималната и просечната плата во земјата“, рече Филипче.
Тој посочи дека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, минималната синдикална кошничка е близу 70.000 денари, а со трошоците за кирија или кредит за стан, вкупните трошоци достигнуваат и над 90.000 денари.
„Во услови кога минималната синдикална кошничка изнесува близу 70.000 денари, ако на тоа се додадат пари за закуп на стан, кирија или кредит кој што се враќа за станот, сумата стигнува 90 па и над 90.000 денари, оваа минимална плата практично покрива само 37, односно 31 % од вкупните трошоци. 37% ако се исклучи сумата на кирија или кредит за стан и 31% од вкупните трошоци ако семејството плаќа кирија или има кредит со кој што отплаќа стан“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека ситуацијата е дотолку посериозна што ниту три минимални плати не се доволни за едно семејство да ги покрие основните трошоци, при што најголем дел од средствата одат само за храна.
„Ни три минимални плати не се доволни за да едно семејство преживее. При тоа од минималната синдикална кошничка, околу 25.000 денари, значи скоро цела една минимална плата од 26.000 денари, оди за прехранбени производи и безалкохолни пијалаци. Ако на тоа се додадат трошоци за школски прибор, што е сега актуелен, околу 7.000 денари за транспорт, околу 5.000 денари за облека, околу 6.000 денари за здравство, околу 1.100-1.200 денари, практично нашите работнички семејства, луѓето не може месецот да го преживеат“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ порача дека токму затоа СДСМ по трет пат предлага зголемување на минималната плата на 600 евра, односно 36.960 денари, со што ќе се обезбеди достоинствен живот на работниците.
„Луѓето ќе може да имаат достоинствен живот, да обезбедат основни услови за живот, да ги покријат трошоците свои, на децата, едноставно да преживеат, посебно во оваа ситуација на криза, кога, за жал, од оваа Влада не видовме ништо како помош да се надмине кризата, ниту една категорија на граѓани кои што живеат на работна егзистенција, социјалните случаи, семејствата кои што живеат од социјална помош, семејствата со повеќе деца, семејствата кои што имаат низок степен на образование, членовите на семејството, за жал, никој ништо не виде, никаква иницијатива, ниту пак некаква помош, некаков пакет мерки, за да им се помогне на овие семејства“, рече Филипче.


