Соопштение за јавност
Нема да дозволиме распродажба на Македонија, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција на која укажа за последните од новиот Нацрт просторен план со кој Владата предвидува отворање на пет нови рудници. Филипче посочи дека СДСМ нема да дозволи распродажба на природните ресурси и националното богатство и отворање нови рудници за туѓи финансиски интереси и профити.
„Не може да ја продаваат земјата којашто е национално богатство, коешто им припаѓа на сите граѓани за нивни и за туѓи финансиски интереси, односно профити“, рече Филипче.
Тој додаде дека СДСМ застанува зад граѓаните кои реагираат против отворањето рудници, затоа што граѓаните со причина стравуваат од можните последици врз почвата и водите.
„Луѓето реагираат кога станува збор за рудници. Едноставно се плашат. Не сакаат рудници кои утре можат да го загрозат нивното здравје.Едноставно знаат дека тие материјали кои се копаат, метали и така натаму, се опасни по здравје ако дојдат во земја и вода. Гледаме што се случува, на пример и каков е ставот на Владата за труењето на водата во Гостивар. Три месеци немаме документ дека водата е исправна, и во другите општини каде има труење“, рече Филипче.
Филипче посочи дека СДСМ ги слуша реакциите на граѓаните кои се против против отворањето и градењето нови рудници и против, и нема да дозволи распродажба на земјата за туѓи интереси.
„Апсолутно сме против тоа да се градат и отвораат рудници, како резултат на реакциите на граѓаните кои таму живеат, не на партиски членови од сите партии – и ние ги слушаме нив. Дополнително, не можеме да дозволиме распродажба на земјата на други фирми за туѓи интереси во кои се вградени интересите на власта. И ова е истиот принцип како со дата центрите – дајте ја водата, дајте ја струјата, за кого? За туѓи профити – нема да може“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ порача дека остро ќе се спротивстави на ваквите планови и дека Македонија нема да дозволи своето национално богатство да биде ставено во функција на туѓи профити.
„Сакам да им порачам Македонија не е на продажба. Нема да го ризикуваме здравјето на граѓаните за туѓи профити. Сакам јасно и гласно да им кажам да отстапат и да се повлечат од овој план. Ќе зборуваме, ќе дебатираме на сите јавни дебати и ако не се повлечат, да знаат дека ќе го блокираме и физички со жив штит од луѓе на местата каде што планираат да ја продаваат земјата за нивни и за туѓи странски профити“, рече Филипче.
Линк до видео:


