Граѓаните денес се соочуваат со сериозен пад на животниот стандард, а наместо конкретни мерки добиваат празни флоскули и неисполнети ветувања од власта, обвини претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Каја Шукова, во гостувањето во „24 Анализа“.
Шукова посочи дека особено загрижуваат економските и социјалните политики и тоа што, власта не се носи мерки кои реално ќе им помогнат на граѓаните.
„Најмногу загрижуваат економските и социјалните мерки коишто не се носат во државата. Граѓаните сакаат поубав живот, подостоинствен живот. Сакаат повисока плата, заради тоа што кошничката е скоро 70.000 денари, а ако живеете под кирија е 90.000 денари, додека пак минималната плата е 26.000 денари. Две такви плати кога ќе ги соберете, тоа не е ни минималната кошничка. Власта нека им објасни на граѓаните како се живее од празни флоскули, а не со плата од 26.000 денари“, порача Шукова.
Таа додаде дека граѓаните очекуваат конкретни решенија, а не само декларативни ветувања, посочувајќи дека не се преземени мерки кои би го запреле растот на цените на основните производи.
Шукова потсети и на социјалните мерки воведени во периодот кога СДСМ беше на власт, меѓу кои детските и образовните додатоци, помошта во енергетската криза и еднократната помош за корисниците, посочувајќи дека за овие мерки биле издвоени 2,6 милијарди евра.
Шукова потсети и на лагите и ветувањата на ВМРО дадени пред изборите посочувајќи дека останале нереализирани во речиси сите области – од политичките реформи и департизацијата на јавната администрација до ветувањата за силна борба против корупцијата.
„Нека им каже ВМРО на граѓаните која мерка ја донеле за борба против корупција“, порача Шукова




