Филипче: Гориво од 105 денари, народот едвај преживува — корумпираната власт не презема ништо

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Граѓаните се соочуваат со огромни трошоци за живот, а власта не обезбедува помош ниту за најзагрозените, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, при денешната посета на Свети Николе, по средбите со граѓаните и земјоделците од Овчеполието.

„Ги споделуваат граѓаните со нас секојдневните проблеми, огромни, натрупани, без никаква грижа и помош од власта. Трошоците за горивото стигнаа и до 105 денари за литар. Никаква помош за ниту една критична категорија граѓани на кои им е навистина потребна“, истакна Филипче.

Тој посочи дека без соодветна поддршка остануваат пензионерите со најниски пензии, социјално загрозените, семејствата со многу деца и работниците со минимална плата. На средбите се разговараше и за предлог-законите на СДСМ во Собранието за зголемување на минималната плата на 600 евра и за финансиска поддршка на земјоделците во кризата.

Филипче ја повика власта да ги поддржи предложените решенија и барем еднаш да го слушне гласот на народот.

„Се надевам дека оваа ненародна, криминална, корумпирана и антимакедонска власт навистина ќе излезе во пресрет и ќе даде поддршка“, рече Филипче.

При посетата на земјоделците од Овчеполието, регион со долгогодишна земјоделска традиција, тие укажаа на недостигот од откуп на грозјето и пченицата, ниските откупни цени на млекото и огромните трошоци за ѓубрива и нафта.

Филипче предупреди дека ваквата состојба го доведува во прашање опстанокот на земјоделците и можноста да продолжат со производство следната година.

„На овие луѓе им е потребна сериозна помош, поради тоа што не само што не можат оваа земјоделска сезона да ја преживеат, туку се поставува најсериозното прашање: што ќе се случува догодина со овие огромни трошоци за ѓубрива, за нафта и со ниски откупни цени, но и без откуп на земјоделските производи“, нагласи Филипче.

Тој го пренесе и предупредувањето од земјоделците: ако власта продолжи да не се грижи за земјоделството, за две години во овој крај земјоделие нема да постои.

Линк до видео: