Филипче: Нè чека ужасно тешка зима – власта се грижи само за своите интереси

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, по денешната средба со пензионери во скопската општина Карпош, нагласи дека граѓаните ги очекува тешка зима, со поскапо парно, неизвесни цени на горивата и дополнителен удар врз стандардот, додека власта продолжува да ги игнорира барањата за конкретни мерки за намалување на трошоците. Филипче посочи дека СДСМ повеќе пати понуди мерки, за намалување на акцизите и ДДВ-то на горивата, но Владата ништо не прифати.

„На прво место за мене се интересите за граѓаните. Парното е веќе поскапено, не знаеме како ќе бидат цените на горивата. Власта не ги слуша нашите апели да се намалат акцизите, да се намали ДДВ-то, нека се тргне тој процент со што значајно ќе се намали цената на горивата“, рече Филипче.

Тој порача дека статистиките со кои власта се фали за наводно дека имаме најниски цени на горивата не го решаваат проблемот со нискиот животен стандард на граѓаните.

„Џабе се фали власта дека имаме најниски цени на горивата во регионот, кога нашите граѓани можат да купат најмалку литри горива со овие плати и пензии кои што ги имаме. Нека се тргнат акцизите, нека се намали ДДВ-то на 5%, нека се намалат горивата за 15 до 20 денари, па да имаат некаков бенефит граѓаните. Мислам дека ќе биде ужасно тешка зима за сите наши граѓани, а за жал, власта не покажа разбирање“, рече Филипче.

Во изјавата за медиуми, Филипче нагласи дека Владата на ВМРО наместо да ги решава проблемите на граѓаните и да реагира на нивните барања, е фокусирана на сопствените бизнис интереси.

„Тоа го видовме и во овој период до сега, исто ќе биде и понатаму. Тие се загрижени само за своите интереси, за личните интереси, за бизнис интересите, за дата центрите, за рудниците. Не ги слушаат нашите апели дека дата центрите се лоши, дека водата ќе им биде одземена на земјоделците, дека со рудниците се ослободуваат потенцијално токсични материи во земјата, во водата. Антимонот е еден од нив ,плус производите од рудникот во Иловица. И тука се гледа лицемерието на премиерот. Додека беше во опозиција се бореше против рудникот во Иловица. Сега е прв за. Така што, освен тоа дека е еден голем лажго, друго ништо не може да се заклучи“, рече Филипче.

Линк до видео: