Прес конференција на СДСМ, Зоран Стојчевски – претседател на Општинската организација СДСМ, Битола
Почитувани, пет години ВМРО ОКГ, градоначалникот Коњановски и нивните директори ја водат Битола кон сè поголемо назадување.
Наместо развој и реализација на ветувањата, граѓаните добија загадување, нечистотија, партиски вработувања, јавни претпријатија со милионски долгови.
Од наследена позитивна милионска сметка, истата моментално е во долгови. Долговите растат, а резултатите изостануваат.
Општината има приближно 90-тина милиони денари доспеани и уште околу 40 милиони недоспеани обврски.
Долгот на јавните општински претпријатија надминува 120 милиони денари.
Во милионски долгови тонат и училиштата, а на некои од нив во одреден период им се закануваше исклучување на електричната енергија.
Чистотата на градот е на незадоволително ниво: депонии, непокосени тревни површини, преполни контејнери, непријатни миризби и нередени простори во секојдневието на граѓаните. Иако цените на комуналните услуги се зголемија, наместо уреден Драгор, граѓаните гледаат обраснато и запоставено речно корито.
Инфраструктурните ветувања останаа неисполнети. Од ветените повеќе кружни текови, два се импровизација во населбите Срелиште и Горно Оризари, а целосно изградениот кај старото ветеринарно е нефункционален за поголем проток на возила. Истиот е неколкупати прекопуван и предизвикува сообраќаен хаос.
Сè уште го нема ни новиот булеварски влез од страната на Охрид.
Го нема на повидок ни ветениот нов мултифункционален спортски комплекс, а Битола сè уште се соочува со назадување на спортот.
Фудбалскиот клуб Пелистер испадна во Втората лига, а фудбалскиот терен повеќе се користи за одржување на музички настани отколку за одигрување на фудбалски натпревари.
Ова е само дел од реалната слика за пет години владеење на ВМРО во Битола.
Повеќе долгови, повеќе проблеми и помалку развој.
Битолчани заслужуваат одговорност, решенија и вистински напредок, а не нови ветувања без резултати.
Линк до видео:




