Филипче: Мицкоски крати пари за образование, здравство и гасификација, а нема ниту денар за минималната плата

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека Мицкоски со ребалансот на буџетот крати пари за образование, здравство и гасификација, а во исто време нема ниту денар за зголемување на минималната плата. На денешната прес-конференција во Собранието, Филипче посочи дека вториот ребаланс на Буџетот е доказ за лошото планирање и управување со јавните финансии.

„Нема поголем доказ за лошо менаџирање на Буџетот, финансиите и економијата од страна на Христијан Мицкоски од овој втор ребаланс. Ова е тотален дебакл и практично признание дека сè е промашено при конструирањето на Буџетот. Сè повеќе на виделина излегува дека Буџетот е во катастрофална состојба. Недостасуваат речиси милијарда евра во Буџетот, а дополнително во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување недостасува уште една милијарда евра. Сериозно е загрозена стабилноста на Буџетот, а сè повеќе се отвораат прашањата од кои извори во следниот период ќе се исплаќаат платите и пензиите“, истакна Филипче.

Филипче нагласи дека ребалансот не носи подобар животен стандард за граѓаните, нема средства за повисоки плати, нема фискална стабилизација, а капиталните инвестиции се намалуваат.

„Кога не носи подобар стандард за граѓаните, нема пари за поголеми плати, нема фискална стабилизација, нема капитални инвестиции, напротив, тие се кратат. Ова претставува ребаланс за да се направи задолжување за трошење, односно ребаланс со кој ќе се пополнат дупките во Буџетот“, истакна Филипче.

Филипче посочи дека со ребалансот се кратат средства за важни проекти и стратешки инвестиции, меѓу кои и за гасификацијата. Намалувањето на средствата за овој проект отвора прашања за енергетската стратегија на државата и нејзината зависност од рускиот гас.
„Се кратат пари за многу важни проекти и услови. И парите за гасификација паѓаат од 1,8 милијарди денари на само 12 милиони денари. Дали тоа значи дека гасификацијата паѓа во втор план? Дали тоа значи дека отстапуваме од нашите стратешки интереси, кои се во согласност со стратешките интереси на нашите партнери, Соединетите Американски Држави, во однос на гасификацијата? Дали со ова Владата испраќа сигнал дека остануваме зависни само од рускиот гас?“, праша Филипче.

Тој нагласи дека се намалуваат и средствата за образованието и науката, спортските сали и енергетската обнова на студентските домови, додека помалку пари се предвидуваат и за превенцијата во здравството, вакцините и ретките болести.

„350 милиони денари помалку за образование и наука, за спортски сали и за енергетска обнова на студентските домови. Помалку пари има и во здравството, на страната на превенцијата, вакцините и ретките болести“, посочи Филипче.

Филипче нагалси дека кратењето на средствата за здравството може да ги погоди пациентите со сериозни и тешки заболувања, додека Владата не презема мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните.

„Вака не се води државата, вака не се води сметка за стандардот на граѓаните, за секојдневните проблеми кои се трупаат сè повеќе и повеќе, додека трошоците неконтролирано растат. Никој од Владата не води сметка за стандардот на граѓаните. И затоа ние, во контекст на нашата доследност, добрите политики и предлозите за подобрување на стандардот на граѓаните, ќе поднесеме амандмани, меѓу кои и за зголемување на минималната плата на 36.000 денари. Граѓаните не смеат да живеат на работ на сиромаштијата“, истакна Филипче.

Тој најави дека СДСМ ќе предложи и дополнителни 10 милиони денари за Националната стратегија за млади, со цел да се испрати порака дека државата има визија и конкретни планови за младите и нивната иднина.

„Со 140 денари не може да се обезбеди пристоен оброк. Нека се зголеми сумата за студентски оброк. Прво, за да не гладуваат децата. Смешна сума е 140 денари. И второ, во тие години, секако и во средношколските, се градат здравите навики. Не може само да им се даде сума на пари без притоа да се размисли каков тип на оброк јадат студентите. Дали е тоа здрав оброк? Дали е преработена храна? Дали е некој производ за кој само ќе се каже дека може да се купи за 140 денари и толку? Каква е таа храна и како влијае врз здравјето?“, истакна Филипче.

Линк до видео: