Трајко Славески призна. Христијан Мицкоски прво одлучувал за влезот на Алта банка во Македонија, а сега најавува дека ќе преговара со идните купувачи. Каде е независноста на Народната банка? Мицкоски мора да биде дел од секој дил, рече на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ и членка на Извршниот одбор.
„Капо ди тути капи, Мицко мора да биде дел од секој дил. Шеф на банда, тој одлучува за сè, за фирми, за банки, за пари. Тој е и гувернер. А знаеме дека одамна е и обвинител и судија“, рече Кузеска.
Таа посочи дека во ист ден јавноста слушнала две признанија од Мицкоски и од гувернерот Трајко Славески, кои ја потврдуваат политичката вмешаност во случајот со Алта банка.
„Прво, има признание од Трајко Славески дека одлуката за влез на Алта банка во Македонија ја донел Христијан Мицкоски“, истакна Кузеска, осврнувајќи се на образложението за „политичка сензитивност“.
Ова ги потврдува предупредувањата што СДСМ ги изнесува веќе 11 месеци за сомнителниот капитал и одговорноста на Мицкоски и Славески за влезот на банката во земјата. Таа нагласи дека последиците ги трпат граѓаните и пензионерите кои не можат да дојдат до своите пари, како и правните лица кои не можат да исплатат плати.
Кузеска потсети и на објавениот записник од владина седница, за кој рече дека покажува оти Владата носела заклучоци со кои акции од државни претпријатија биле нудени во интерес на Мацура и Алта банка.
„Сега имаме и уште едно признание, изјава на Мицкоски дека тој ќе преговара со идни купувачи на Алта банка во Македонија. Како кога Народна банка е независна институција?“, праша таа.
Кузеска обвини дека со продажбата се настојува да се прикрие одговорноста за претходните одлуки и дека се врши притисок врз две банки, една домашна и една странска.
Таа побара Мицкоски да одговори колку пати разговарал со Александар Вучиќ за Алта банка, колку пати се сретнал со Давор Мацура и за какви провизии се разговарало.
„Дали во трезорот и документите на Алта Битола постојат 80 милиони евра кеш или соодветни кеш еквиваленти? Толку стои во билансот на банката“, праша Кузеска.
Портпаролката на СДСМ ги повика професионалците во Народната банка да не потпаѓаат под притисоци и нагласи дека мора да има одговорност за секој што го прекршил законот.
СДСМ побара обвинителот Савески да реагира и да отвори истрага за Мицкоски, Славески и Кочоска.
„Да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка. Сите вмешани во скандалот со Алта банка да одговараат!“, порача Кузеска.
Линк до видеото :


