Трајко Славески јавно призна дека одлуката за влез на Алта банка во Македонија била донесена со премиерот Христијан Мицкоски, со што директно се отвора прашањето за одговорност за целиот случај.
„Со премиерот секако“ – ова е признанието на Трајко Славески дека Мицкоски ја донел одлуката за Алта банка, пералницата на пари на Вучиќ и неговата мрежа, посочи генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ на денешната прес конфереција.
Димитријевиќ, потсети дека СДСМ алармираше уште пред 11 месеци и предупредуваше да не се дозволи влез на Алта банка во Македонија, но и покрај предупредувањата, Мицкоски ја внесе банката во земјава.
„Додека во Европа имаше санкции и суспензии, додека во Црна Гора имаше одбивање и притисоци што не влегла Алта банка, Мицкоски и Трајко Славески ја внесоа во Македонија. И покрај тоа што Европската централна банка реагирала, и покрај сомнителниот капитал, и покрај тоа што формалниот сопственик имал менувачница, а не банка“, рече Димитријевиќ.
Тој посочи дека не станува збор само за одлуката да се овозможи влез на Алта банка, туку и за директни активности на Владата во корист на нејзиниот сопственик.
„Не само што ја донесоа. Мицкоски на седница на Влада носел одлуки јавни претпријатија да ги продаваат акциите на Алта банка. Со одлука на Влада му овозможиле на Давор Мацура да стекне поголем пакет акции на сметка на државата. Банкарот на Вучиќ е и банкар на Мицкоски“, кажа Димитријевиќ.
Генералниот секретар на СДСМ потенцираше дека во Србија сега има отворено стечај за Алта банка, Давор Мацура е уапсен, а се води истрага за 380 милиони евра.
„Во Македонија има принудна управа, народот не може да дојде до своите пари и заштеди, пензионерите до своите пензии, фирмите не можат да исплатат плати. Мицкоски е во паника затоа што знае дека ќе одговара. Знае дека документите и трансакциите се тука. Затоа што знае дека не може да се сокрие кој вршел притисок. Затоа прават притисок врз една домашна и една странска банка да се јават како купувачи“, рече Димитријевиќ.
Тој додаде дека Мицкоски јавно признава оти ќе преговара за купување на Алта банка, иако Народната банка треба да биде независна институција.
„Сега е на потег Јавното обвинителство и Ненад Савески. Мора нешто да преземе. Прво Савески треба да ги блокира телефонските повици од Мицкоски, да ги одбие нарачките, наредбите од телевизија или од собраниска говорница и да постапува по закон. Во Кривичниот законик, членот 368-а, јасно е посочена одговорноста за „попречување на правдата“. Во спротивно станува соучесник . Мора да почне да си ја работи работата за која положи заклетва пред народот, а не пред ВМРО. СДСМ бара итна истрага и утврдување одговорност за Христијан Мицкоски, Трајко Славески, Гордана Кочоска и сите инволвирани во носењето на Алта банка во Македонија – за сите кои ја донеле, помагале, вршеле притисоци врз јавните претпријатија и овозможиле да се случи овој случај, рече Димитријевиќ.
Линк до видеото :

