Филипче: Владата на СДСМ не одобри продажба на акциите на Алта банка – Мицкоски лаже!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција во македонското Собрание, заедно со пратеничката група на СДСМ и коалицијата презентираше документи со кои ги демантираше лагите на премиерот Христијан Мицкоски изнесени на надзорната расправа за Алта банка.

Филипче покажа Записник со кој се потврдува дека Владата предводена од СДСМ во 2023 година не дала согласност за продажба на акциите на Алта банка како што лажеше Мицкоски, туку побарала ангажирање на Државното правобранителство за заштита на државните интереси.

„Премиерот денеска на надзорната расправа изнесе брутална лага. Човекот лажеше дека Владата на СДСМ во дваесет и трета година донела одлука да влезе во деловни односи, така кажа, го цитирам, со Алта банка Србија“, рече Филипче.

Објаснувајќи го процесот, тој посочи дека станува збор за одлука за испраќање на државен правобранител во Србија кој ќе ја брани Македонија пред органите на Србија.

За акции кои ѝ припаѓале на Македонија по основ на сукцесијата од поранешна Југославија. Давор Мацура побарал да ги откупи тие акции, но не добил согласност од тогашната Влада.

„Давор Мацура во дваесет и трета година не добил согласност од Владата наша предводена од СДСМ да ги откупи акциите коишто припаѓаат на македонското Министерство за финансии“, нагласи Филипче.

Тој објасни дека, откако Мацура се стекнал со над 90 проценти од акциите во белградската Алта банка, преостанатите акции биле преземени без согласност на македонската страна, според механизмот предвиден во српското законодавство.

„Според српскиот закон, кога некој поседува над деведесет проценти, по автоматизам ги откупува акциите на останатите акционери без нивна согласност, какви што сме биле ние, нашето Министерство за финансии. Значи Давор Мацура, според правилата на Белградската берза, ги откупува акциите на Министерството за финансии на Република Северна Македонија без согласност, затоа што не му треба“, рече Филипче.

Токму по тој процес, посочи тој, Владата на 24 октомври 2023 година донела заклучок за заштита на државниот интерес. Филипче нагласи дека документот што Мицкоски го покажувал на надзорната расправа има сосема поинаква содржина од онаа што премиерот ѝ ја претставил на јавноста.

„Еве го записникот од Владата, дваесет и четврти октомври дваесет и трета година, а одлуката, заклучокот од владината седница е да се ангажира Државното правобранителство како орган кој го штити државниот интерес, вклучувајќи ги и малите акции кои биле откупени без наша согласност, да влезе во комуникација со српските институции со цел да се заштити државниот интерес на Република Северна Македонија“, истакна Филипче.

Тој најави дека документите ќе бидат споделени со медиумите и со целокупната јавност.

„Ни збор за продавање акции, ни збор за етаблирање на бизнис интереси со Алта банка. Едноставно и единствено само заштита на државните интереси. Ете, тоа е целокупниот процес поткрепен со документи“, порача Филипче.

Ваково постапување на премиерот е обид да се префрли одговорноста за влезот на Алта банка во Македонија врз претходната влада.

„Зошто би дефокусирал? Зошто би мафтал со документи коишто не ги чита и не ги цитира и сака да ја префрли вината на претходната влада на СДСМ?“, праша Филипче.

Тој повика и на постапување на Јавното обвинителство.

„Ова е само уште една причина да се вклучи Основното јавно обвинителство и да добро истражи зошто е потребно премиерот да вака лаже и манипулира во јавноста“, порача Филипче.

Линк до видеото :