Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес – конференција потенцираше дека наместо да се справува со реалните проблеми на граѓаните, премиерот Мицкоски ги плаши со наводна Трета светска војна, додека во Македонија граѓаните едвај преживуваат со една минимална плата која не е доволна ниту за основните трошоци за храна и пијалаци.
„Го слушаме сега пред малку премиерот Христијан Мицкоски, го продолжува наративот на неговите двајца ментори, кои што веќе ги нема, и Орбан и Вучиќ ,тоа е последниот, кој што сега користи наратив дека наводно имало Трета светска војна, тој имал таков впечаток и така натаму“, рече Филипче.
Филипче посочи дека додека Мицкоски се занимава со геополитички сценарија и ги плаши граѓаните, реалноста во Македонија е дека цените растат, струјата повторно ќе поскапи, а семејните буџети се сè потешко издржуваат.
„Околу 26.000 денари е само трошокот за храна и пијалаци. Значи, една цела минимална плата оди за храна и пијалаци. Каде се парите потребни за сметки, за струја, за вода, трошоците за децата, школски прибор, обувки и така натаму“, рече Филипче.
Тој предупреди дека најавеното зголемување на цената на електричната енергија дополнително ќе предизвика нов бран поскапувања, со што товарот повторно ќе падне врз грбот на граѓаните.
„Што ќе се случи после Нова година? Ова зголемување на струјата за дополнителни 2-3% ќе повлече повторно поскапување на буквално сите производи кај нас. Според последните извештаи, вредноста на синдикалната кошничка е повторно зголемена. Сега е 71.000 денари. Ако се извадат киријата или кредитите кои што ги плаќаат граѓаните за становите, тие трошоци се на 90.000 денари“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека Владата нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра, за повисок студентски оброк и за потребите на граѓаните, но има пари за партиски тендери и непродуктивни трошења.
„Со оваа власт, додека премиерот ги плаши граѓаните дека во светот имало Трета светска војна, замислете, според неговите мастер геополитички способности и капацитети, во тек е дебатата во Собранието за буџетот. Ние поднесовме бројни амандмани. Одговорот засега од власта е дека нема пари и тоа е единствената вистина, дека пари во буџетот нема за ништо. Имаме 225 амандмани, меѓу другото, 600 евра зголемување на минималната плата и за тоа нема пари, зголемување на средствата за студентите, да се зголеми студентскиот оброк и за тоа исто така нема пари, а има за партиски тендери“, рече Филипче.
