fbpx

Заев: Доставувам предлог за стабилна, ефикасна и одговорна Влада која ќе води напред, заедно со граѓаните ќе ги удвоиме напорите

Facebook
Twitter
LinkedIn

Изјава за медиуми на претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада, Зоран Заев

 

 

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Денеска до Собранието на Република Северна Македонија ги доставувам Предлог Програмата за работа и Предлог составот на новата Влада на Република Северна Македонија.

На изборите на 15 јули граѓаните на фер слободни и демократски избори го потврдија правецот, го кажаа својот став кој денеска го преточуваме во конкретни кадри во конкретна програма, согласно мнозинската волја.

Македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна Влада која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети: членство во НАТО и Европската унија, добри меѓусоседски и меѓуетнички односи, внатрешна кохезија, справување со светската пандемија на коронавирусот и нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции.

Денеска како мандатар до Собранието доставувам предлог за Влада која е подготвена да сработи во полн четиригодишен мандат. Со мене денес се 19 министри и министерки – сите заедно се обврзуваме дека ќе влечеме напред, секој ден, секој час – дека ќе работиме уште повеќе и подобро и дека ќе побараме од секој од вас, од секој граѓанин уште поголемо учество. Ајде, сите заедно да ги удвоиме напорите и да го направиме секое населено место од земјата подобра средина за живеење.

Програмата за работа на Владата во целост ја отсликува посветеноста на сите политички партии кои се дел од коалицијата за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, темелно прочистување на правосудството и проверка на потеклото на имот и пари на сите функционери.

Сите коалициони партнери сме согласни посветено да продолжиме на реализацијата на Договорите со Република Грција и Република Бугарија кои донесоа влез во НАТО и одлука за почеток на преговорите со ЕУ, како и на Охридскиот рамковен договор кој е темелот на заедничкото живеење во мир.

Имајќи го предвид периодот во кој се наоѓаме и состојбата со Ковид-19, новата Влада ќе се посвети на сериозни инвестиции во јавното здравство за да имаме уште повеќе подготвени капацитети и мотивиран кадар кои ќе се борат против коронавирусот.

Како еден од столбовите е и борбата против загадувањето и решавањето на овој децениски проблем преку суштински политики и инклузивен процес на мобилизација на сите расположливи капацитети. Тука најмногу сте потребни вие граѓаните – приклучете се да си ги исчистиме воздухот, почвите и водата.

Ова се принципите и вредностите од кои ќе се води новата Влада.

За остварување на овие определби, денеска до Собранието предлагам одговорни, професионални и отчетни кадри кои ќе ги задолжам со конкретна мисија и цели, во ваше име, почитувани граѓани, и кои ќе имаат задача да работат исклучително и исклучиво за граѓаните и исклучиво на европската трансформација на земјата.

Очекувам, претседателот на Собранието, Талат Џафер, да даде доволно време пратениците добро да се запознаат со предлог Програмата но и со биографиите на предложените кандидати, очекуваме квалитетна дебата во Собранието и дека овие предлози ќе го добијат потребното мнозинство, по што веќе од следната недела, Северна Македонија и граѓаните ќе ја добијат новата Влада посветена на реализација на програмските определби.

Последни вести