Прес-конференција, Костадин Костадинов, портпарол и пратеник од СДСМ
Почитувани,
Владата предводена од СДСМ продолжува со вистинска грижа за сите граѓани. Продолжуваат мерките што спасуваат работни места и ја помагаат домашната економија.
Мерката за поддршка за исплата на плати, продолжува до крајот на годината, односно и за месеците октомври, ноември и декември.
За разлика од претходните месеци, сега, поддршката ќе биде одредена скалесто согласно падот на приходите кај компаниите.
Тоа значи дека колку е поголем падот на приходите во компаниите толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите, односно, таа ќе се движи од досегашните 14.500 денари па се до 21.776 денари.
Со оваа мерка ќе бидат поддржани 83.000 работни места во нашата економија на месечно ниво, односно вкупно 250.000 плати за последниот квартал
За реализација на оваа мерка ќе се одвојат 70 милиони евра, пари за директна помош на работните места.
Важно е да се напомене дека оваа мерка се однесува и на самостојните вршители на дејности.
Почитувани,
Со овој четврт пакет на антикризни мерки 470 милиони евра завршуваат за спас на работни места, за помош на невработени и социјално ранливи граѓани, за поттикнување на приватната потрошувачка.
Како одговорна партија продолжуваме со мерки и политики што носат социјална и економска сигурност и што обезбедуваат конкретна помош за нашата, македонска економија.