Одговори на новинарски прашања, Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ
Прашање1: Како го отценувате протоколот на Комисијата за заразни болести во врска со изборите, митинзите не се забранети но дали сте подготвени да отстапите одржување масовни митинзи?
Одговор: Најнапред секако дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија максимално ги почитува препораките на здравствените власти и ќе ги почитува и во иднина. Ова е убава можност и добро прашање за еве и пред јавноста , пред граѓаните да одговориме во однос на митинзите дека СДСМ нема да организира митинзи во текот на оваа кампања, секако почитувајќи ги препораките на здравствените власти. Во делот на тоа како би ја воделе кампањата, како би ги претставувале нашите кандидати секако и програмата, фокус ќе биде ставен на медиумското претставување преку онлајн видео настани и секако имаме различни видови на дигитална комуникација. Единствено нешто на коешто може да сметаме и да размислуваме во периодов е организирање на мали средби, секако согласно протоколите и максимално почитување на препораките на здравствените власти.
Прашање 2: Околу најавите од партијата за избори во декември ако нема во јуни и како правно ќе се реши утврдувањето на новиот датум за избори а тоа да биде согласно изборниот законик?
Одговор: Ставот на СДСМ е сосема јасен и веќе неколку пати го кажуваме, еве ова е убава прилика уште еднаш да го повториме. Ставот на СДСМ е дека избори треба да се одржат веднаш, односно во првиот можен рок, веднаш кога ќе спласне кризата здравствена со корона вирусот. Знаете дека тоа пред се треба да го направиме и од здравствен аспект во однос на заштита на здравјето на граѓаните, но и од економски аспект секако, и тука ќе додадам во однос на демократизацијата на нашата држава. Било какво одложување на изборите заради спас на политичка кариера на пропаднати спортисти, пропаднати политичари какви што сами се нарекуваат, е неодговорно. Јас очекувам дека избори ќе се случат по завршување на вонредната состојба, по спласнувањето на кризата и дека навистина нема да имаме потреба да размислуваме на други опции, а секако треба да ги разгледаме сите можности кои се на располагање.