fbpx

Потпретседателот Петров: Економските мерки на Владата значат помош за 250.000 работници и 35.000 компании, ќе го надминеме ова заедно

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес- конференција, Коста Петров , потпретседател на СДСМ

 

 

 

Почитувани медиуми, почитувани граѓани,

Дозволете ми да ви се обратам, не само како Потпретседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, туку и како граѓанин и претприемач, кој како многумина од вас, во моментов ги чувствува економските ефекти на Ковид-19.

Го разбирам вашиот страв. Коронавирусот комплетно го промени начинот на кој фунцкионира светот и никој не е поштеден. Загрижени сте за својата иднина, своите работни мести и своите месечни примања.

Драги претприемачи, знам дека ова е тежок период и за вас. Дел од вас беа приморани да го намалат обемот на работа. Некои мораа привремено и да ги затворат своите компании а бидејќи приливите се намалени, многумина од вас се прашуваат како да ги исплатат платите на своите вработени на крајот од месецот.

Ова се неизвесни времиња за сите, но мојата порака до вас денес е следна –не сте сами во ова. Ќе го надминеме ова, заедно.

Владата на Република Северна Македонија е свесна за проблемите со кои се соочувате и подготви нов пакет на економски мерки, вреден 200 милион евра, со една јасна цел – да се ублажи економскиот удар од корона вирусот и да им се помогне на граѓаните, на работниците, на компаниите, на сите на кои им е загрозена финансиската состојба.

·         За да ги зачуваме работните места, Владата предводена од СДСМ, овозможува директна помош од 14.500 денари по вработен за април и мај за сите фирми погодени од кризата. Со оваа мерка се таргетирани 35,000 компании, односно 50% од сите компании во државата. Би сакал да напоменам дека дури 87% од шифрите на дејност се опфатени со оваа мерка.  Ова практично ќе ја покрие целата нето-плата на 75.000 граѓани а на 180,000 граѓани ќе покрива до 75% од нивната нето плата.  

·         Не се заборавени ниту  спортските работници вработени во спортските здруженија,  како и самостојните уметници . И за нив е  обезбедена минимална плата од 14.500 денари за месеците април и мај, како и придонеси преку Министерството за култура.

·         Сите фирми погодени од кризата нема да плаќаат данок на добивка преку месечните аконтации.

·         Кредитите кај банките и штедилниците се одложени од 3 до 6 месеци, а кај финансиските друштва за 3 месеци, но имаме и случај каде многу банки ги одложуваат кредитите и до 6 месеци.

·         Извршителите се одложени за 6 месеци.

·         Во периодот на криза се забранува и одење на компаниите во стечај.

·         Државата ја субвенционира каматата и со тоа нуди ликвидни средства на компаниите со 0% камата во износ од 13,7 милиони евра со 12 месеци грејс период и 3 години рок на отплата.

·         На располагање на фирмите се и евтини кредити од 50 милиони евра со камата од 1% до 1,5% годишно.

·         Казнената камата се намали за 50% (од 0,03% на 0,015%). Законската затезната камата исто така е намалена за 50% (од 10% на 5% за фирми и од 8% на 4% за граѓани).

·         Граѓаните што останале без работа ќе земаат 50% од просечната плата што ја имале кога биле вработени преку агенцијата за вработување согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (член 68.)

·         Лицата од неформалната економија кои останале без приходи ќе земаат по 7000 денари помош од државата за месеците април и мај. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 20.000 нови домаќинства, кои веднаш ќе влезат во системот на социјална заштита, како и 30.000 веќе постоечки корисници.

·         Се овозможува и одложување од плаќање на кирии за станови и деловни простори во државна сопственост за 3 месеци за граѓаните и фирмите погодени од кризата.

·         Сите избрани и именувани функционери на државно и на локално ниво ќе земаат минимална нето плата од 14.500 денари за месеците април и мај 2020 година.

·         Претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции, претседатели и членови на Советите во општините, а кои се вработени нема да примаат надомест за времетраење на кризата.

·         Истовремено, Владата веќе донесе одлука за забрана за нови вработувања и нови ангажирања во јавниот сектор. Донесена е и одлука, сите средства од заштеда од непродуктивните трошоци да се пренаменат за справување со здравствено-економската криза

·         Се формира солидарен фонд за помагање на здравјето на граѓаните и други социјални потреби на граѓаните.

Драги сограѓани,

Знам дека ова е тежок период но само заедно, сплотени и солидарни можеме да ја победиме оваа криза.

Нека биде ова време на солидарност, на поддршка и заедништво.

Ние покажавме како преку исправни политики, истрајност и посветеност се рушат сите бариери и се постигнуваат зацртаните цели.

Затоа веруваме дека сите заедно и овој пат ќе успееме да се избориме и со здравствената и со економската криза!

И запомнете, не сте сами во ова. Ќе го надминеме ова, заедно.

Последни вести