Прес-конференција, Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ
Почитувани граѓани,
Законот за јавно обвинителство е темел за вистинска, неселективна правда и правосудството кое гарантира одговорност за секој што го прекршил законот.
Пратениците на СДСМ и коалицијата се на страната на правдата, на страната на владеењето на правото, силна правна држава и независно судство.
Од друга страна е извршителот Христијан Мицкоски кој по налог на неговиот шеф, Никола Груевски, се обидува да го заштити криминалот на режимот и да ја попречи правдата.
Ние тоа нема да го дозволиме. Нема да успее мисијата на извршителот Мицкоски да го спаси од одговорност Груевски и неговите пајташи од ВМРО-ДПМНЕ.
Ги повикувам пратениците, да бидат одговорни, да се стават на страната на правната држава и да го поддржат Законот за јавно обвинителство, зад кој застанаа и пријателите на нашата земја, ЕУ и САД.
Со законот за Јавно обвинителство се гарантира дека сите судски предмети кои произлегоа од СЈО ќе имаат правна завршница. Постапките за овие процеси ќе бидат професионални, фер и базирани на докази.
Бомбите остануваат докази во случаите на СЈО покренати до 30.06.2017 година како што беше предвидено со самото основањето на СЈО.
Нема да има скриена амнестија за никого и секој за кого постои обвинение ќе одговара пред институциите, согласно законите во нашата држава.
Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство значи и огромен придонес кон европската перспектива на државата и интегрирањето на нашите граѓани во европското семејство.
Со носење на Законот за јавно обвинителство преземаме уште еден чекор за нашата европска интеграција.
Почитувани пратеници,
Наша обврска, наша одговорност пред граѓаните е да обезбедиме целосно владеење на правото, независно судство како темели на секое демократско општество и европска перспектива за граѓаните.