Изјава на Лазе Таневски, Претседател на ОО на СДСМ – Охрид
Почитувани претставници на медиумите,
За Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ова лето ќе биде работно.
Под мотото: „Зборот важи“ и нашата општинска организација на СДСМ – Охрид како и сите останати во земјава ќе ги интензивира активностите на терен, меѓу членството, симпатизерите и општо меѓу граѓаните.
Преку прес конференции, изјави за медиумите и соопштенија ќе ја запознаваме јавноста со нашите активности во сите сфери од секојдневното живеење.
Свесни сме дека само така и на тој начин преку директна комуникација може да се дојде до вистинските прашања, состојби, одговори и решенија на проблемите кои го мачат обичниот човек.
Почитувани,
За нас од СДСМ зборот навистина ВАЖИ.
ОО на СДСМ – Охрид го заврши изборниот циклус во сопствените редови. Новото раководство, нашите нови тимови заедно со градоначалникот и раководители поставени во општината од разни области во периодов што претстои ќе бидат заедно со вас.
Да потсетиме: Се обврзавме пред граѓаните за промени и нов начин и модел на делување, но и на забрзување на напредокот на општеството. Резултатите се гледаат, но има и напластени проблеми и уште потешко опструкции кои само со многу труд и ангажман на пошироката заедница полесно би се надминале.
Ќе започнеме и со теренски активности и средби со граѓаните во маалата, во селата, во урбаните заедници. За нас, зборот важи!
Тимови на СДСМ, придружувани од партиски носители на функции, советници, пратеници, директори ќе се сретнат со граѓаните.
Свесни сме дека постојат мал милион нерешени прашања кои бараат одговор.
На маалски и урбани средби со граѓаните ќе разговараме за нивните потреби, за отворените прашања, за работата на локалната самоуправа и градоначалниците, за работата на централната власт и на институциите, но и за начинот на решавање на проблемите. Што е добро сработено во изминатите 2 години, што треба да се подобри.
Почитувани,
Ги покануваме граѓаните да се приклучат, да бидат гласни, тука сме да го слушнеме нивниот глас и да делуваме.
Заедно со Вас граѓаните ги донесовме промените, заедно со вас победивме петти пат, заедно со вас граѓаните продолжуваме да го забрзаме напредокот, за подобар живот на сите нас низ целата земја.