Изјава за медиуми
Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ
Скопје, 31.05.2019
Почитувани граѓани,
Нашата држава доби најпозитивен Извештај за напредокот од Европската комисија и безусловна препорака за почеток на преговорите со ЕУ.
Од „заробена држава“ за само 2 години процесот на реформи од Северна Македонија направија „светол пример“ во регионот.
Успехот во реформскиот процес е признаен и соодветно вреднуван.
Како што е нотирано во Извештајот, постигнат е добар напредок во реформата на разузнавачките служби.
Откако беше завршена реформата на системот за следење на комуникациите, новата Оперативно-техничка агенција е целосно оперативна, а државата започна со реформа на своите разузнавачки служби во соработка со НАТО и другите партнери.
Избран е модел, а усвоена е и законската рамка за формирање на новата Агенција за национална безбедност.
Добар напредок е забележан и во спроведувањето на „Итните реформски приоритети” и препораките од Венецијанската комисија и Високата експертска група за системски прашања во делот на владеењето на правото.
Државата, институциите, покажаа континуирана определба за подобрување на судскиот систем. Подготвен е и нов закон за Јавното обвинителство за интегрирање на специјалниот јавен обвинител во системот на обвинителството.
Зголемена е заштитата од злосторство од омраза и дискриминација со измени на Кривичниот законик и носење на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Овие оценки во извештајот се признание и вреднување на сработеното.
Ова се само дел од успесите во реформскиот процес што се нотирани во Извештајот од Европската комисија.
Овој Извештај и безусловната препорака за почеток на преговорите се доказ за успешните процеси, но и дополнителен мотив, уште поангажирано да се вложиме во реализација на процесот на интеграција во ЕУ.