Изјава за медиуми
Стево Пендаровски, заеднички кандидат за претседател
Скопје, 17 Април 2019
Почитувани,
На 21 април и 5 мај избираме иднина. Со влезот во Европската Унија им отвораме нови врати на нашите млади и конечно создаваме услови за нив да ја бараат својата среќа дома. Им овозможуваме повеќе можности за стекнување квалитетно образование, патување и дипломи признаени секаде низ Европа.
Пристапот до младинските програми на ЕУ за младите ќе значи можност за студирање на најдобрите универзитети во Европа и развивање на вештини неопходни за активно учество на пазарот на трудот.
Преку програмата ЕРАЗМУС, над 4 милиони млади луѓе од Европа, меѓу кои и младите од Република Северна Македонија, имаат можност за академска мобилност, стекнување вештини, спорт, обуки, учење на различните култури и градење на заеднички европски вредности.
Членството во НАТО и ЕУ овозможува нови инвестиции кои ќе отворат нови работни места. Младите нема повеќе да ја бараат Европа надвор од границите. Европа ќе стане наш дом, а Европските стандарди наше секојдневие. Високите стапки на невработеноста полека, но сигурно ќе стануваат минато.
Мојот концепт е држава која ќе вложува во својата младина, во нивниот развој и напредок. Ова ќе биде моја заложба како ваш претседател. Нашите млади заслужуваат еднакви можности како своите врсници секаде низ Европа, заслужуваат европски живот дома. Токму затоа, за нив, за сите следни генерации на 21 април и 5 мај треба масовно да излеземе и да гласаме за држава која нуди сигурна иднина.