fbpx

Шахпаска: Со оперативниот план, вработени се над 6.000 граѓани, се грижиме еднакво за сите, невработеноста се намалува

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес конференција,
Јагода Шахпаска, пратеничка од СДСМ и коалицијата
Скопје, 24.01.2019

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2018 даде добри резултати во интерес на граѓаните.

Со него се вработени 6.374 лица од кои над 50 отсто се млади лица до 29 години.

Преку програмата Самовработување, сопствен бизнис отвориле 1.191 лице. Со мерката Субвенционирање на плати вработени се 759 лица, додека преку мерката Вработување и раст на правни субјекти вработени се 347 лица.

Позитивни се резултатите и мерката Гаранција за млади, која во претходната година како пилот проект се спроведе во три општини, Струмица, Гостивар и Град Скопје.

Само во овие три општини со оваа мерка опфатени беа 5.266 лица од кои, 1.839 лица се вработиле во период од само 4 месеци по нивното евидентирање како невработени лица.

Ова не се обични бројки, ова се граѓани на кои сме им го олесниле животот.

Овие охрабрувачки податоци покажуваат дека оперативниот план за активни мерки за вработувања е направен добро, согласно потребите на граѓаните, планот дава резултат и нуди шанса за сите.

Со овие успешни економски политики се намалува невработеноста, се зголемува бројот на вработени граѓани што директно влијае на подобрување на животниот стандард.

Стапката на невработеност, која во третиот квартал од 2018 година изнесуваше 20,8 отсто, оваа година со право очекуваме да се намали под 20 проценти.

Почитувани,

Ова се само дел од податоците што ја докажуваат успешноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ.

Како одговорна партија, продолжуваме со спроведување на мерките што обезбедуваат повеќе инвестиции, нови работни места, поголеми плати и повисок животен стандард за сите.

Последни вести