Прес конференција,
Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ
Скопје, 16.12.2018
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Воведуваме нова, правична и сразмерна казнената политика.
Ги намалуваме казните и до 75 отсто, се воведува опомена пред казна и пропорционално казнување.
Ставаме крај на репресивната казнена политика. Нема злоупотреби, самоволие и изживување врз фирмите и граѓаните. Нема повеќе „пиштење-вриштење„ што беше одлика на претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Со новата казнена политика Македонија станува праведна држава која функционира по европски правила.
Глобите се пропорционални на тежината на прекршокот. Казната нема да го отежнува животот на граѓаните и компаниите, туку ќе донесе промени на нивното однесување.
За правните лица, при одредување на казната ќе се земе предвид остварениот приход во претходната година, бројот на вработени, како и претходното санкционирање за исти или случни прекршоци.
За првпат се прави разлика, односно градација меѓу малите, средните и големи претпријатија, што сметаме дека е правично и праведно.
Минималната глоба за малите фирми ќе изнесува 50, а максималната 2.000 евра, за разлика од сега кога максималната висина на глобата изнесува 5.000 евра.
Максималниот износ на глоба за средните и големи претпријатија не може да надминува 10.000 евра.
Се воведува и опомена пред изрекување казна. Опомена се изрекува и во случаи кога прекршокот е сторен за првпат и не предизвикал штетни последници, ниту пак го загрозил јавниот интерес.
Високите казни ќе се применуваат за прекршоци што предизвикуваат општествена опасност како и оние кои што се против животната средина и уништувањето на културното богатство..
Глобите за физички лица исто така се намалуваат за 75 отсто.
Почитувани,
Ги оставаруваме дадените ветувања, воведуваме правичност, казните да имаат превентивна и корективна улога, а да не бидат екстремна мерка со која само ќе се полни Буџетот.
Новото законско решение наскоро влегува во собраниска процедура. Ги повикуваме сите пратеници да се вклучат во процесот, заеднички да обезбедиме правична и сразмерна казнена политика во интерес на фирмите и граѓаните.