Прес-конференција, Мартин Костовски, пратеник на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Владата и институциите предводени од СДСМ успешно се справуваат со последиците од светската економска криза, најголема во последните неколку децении.
Видливи и реални се резултатите од мерките вредни 400 милиони евра за заштита на стандардот на граѓани и поддршка на домашната економија.
Преку само неколку мерки на поддршка за граѓаните, месечните трошоци на семејствата во просек се намалени за околу 4.000 денари месечно.
Околу 1.500 денари се заштедуваат преку мерката за намалување на ДДВ на нула отсто за основните прехранбени продукти. Преку субвенционирањето на сметки за електрична енергија сметките за струја на едно просечно семејство денес се пониски за 2.150 денари, додека намалувањето на ДДВ за горивата обезбедува месечна заштеда од околу 300 денари.
Во време на огромна криза растат и платите и пензиите. Минималната плата од овој месец изнесува 18.000 денари, а просечната плата за месец јануари е 29.980 денари.
Заедно со пензионерите договорено е рекордно зголемување на пензиите, а 330.000 пензионери овие три месеци добиваат по дополнителни 1.000 денари финансиска помош.
Покрај овие антикризни мерки, Владата предводена од СДСМ продолжува со реализација на политики кои го унапредуваат животниот стандард на сите категории граѓани.
За првпат е донесен Интервентен фонд за поддршка на земјоделството во вредност од 250 милиони денари со кои ќе им се помогне на сточарите и на полјоделците со цел зголемување на домашното производство на храна.
Остануваме посветени и на намалување на стапката на невработеност.
Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување за кој се предвидени околу 30 милиони евра, ќе опфати околу 15.000 невработени лица, со што ќе се влијае на дополнително намалување на стапката на невработеност која сега изнесува 15,7 отсто.
Почитувани,
Ова се само дел од мерките што СДСМ ги презема за заштита на економскиот стандард на граѓаните и за раст на домашната економија.
Во време на светска економска криза, продолжуваме со политики што значат вистинска грижа за сите категории граѓани.