Изјава за медиуми, Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје
Почитувани,
Денеска е Денот на пожарникарството и ја користам приликата од мое име и од името на советничката група на СДСМ во Град Скопје да им го честитам денот на сите пожарникари.
Град Скопје овој ден годинава го одбележа за првпат без присуство на медиумите и затворен за јавноста.
Очигледно дека градоначалничката Данела Арсовска не сака да се соочи со новинарите, па освен што не доаѓа на седници на Совет, освен што не одговора на прашања, сега почна да одржува и настани без да ги покани медиумите.
Дали овој потег на Арсовска се должи на нејзиниот страв новинарите да не постават прашање зошто шест месеци бригадата за противпожарна заштита е оставена без договор за сервисирање на противпожарните возила? Дали тие возила ќе бидат функционални и безбедни во пресрет на сезоната на пожари?
Дали Арсовска се плаши од прашањето зошто два дена 100.000 граѓани од Драчево и околните места се без вода за пиење?
Освен што ништо не работи, Арсовска се крие и бега од новинарите и јавноста, тоа е недозволиво за еден градоначалник на главниот град на државата.
Шест месеци беа доволни да се докаже дека Арсовска е најнеуспешниот градоначалник на Град Скопје.