Изјава за медиуми на Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје
Почитувани,
Жителите на Скопје секојдневно сведочат за неспособноста на Данела Арсовска, која нанесува штета за Град Скопје.
Последен пример за неспособност е оставањето на Противпожарната бригада на резерви со гориво, со што се загрозува нормалното функционирање на овој важен сервис за заштита.
Претходно, Арсовска ја остави градската администрација без печатачи, а неколку дена цела општина беше оставена без автобуски превоз, затоа што Град Скопје не им плаќаше на приватните превозници.
Арсовска го назначи Ѓоко Велковски за секретар на Град Скопје, иако тој е актуелен советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Чаир.
Овој случај го истражува и Државната комисија за спречување на корупцијата.
За седум месеци Арсовска не само што нема реализирано ниту еден свој проект туку прекина неколку важни проекти наследени од нејзиниот претходник, меѓу кои, најважен секако беше Бас рапид транзит за кои беа обезбедени 70 милиони евра од Европска банка.
Нема бесплатен јавен превоз, нема нови паркови, ниту ѓубрето не се собира навремено, а постојано никнуваат и нови диви депонии.
Седум месеци изминуваат од мандатот на Арсовска и во овој период од неа видовме како прекинува проекти, ја партизира администрацијата, бега од соочување со советниците од опозицијата и од прашања од новинарите.
Со сето тоа неработење и сета таа неспособност Арсовска се докажа како најнеуспешниот градоначалник на Град Скопје и едно од најголемите разочарувања за граѓаните, чија доверба ја изневери.