Прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
ВМРО-ДПМНЕ е партија на паразити, тоа е масовна појава која трае со години и тоа е потврдено со факти и документи.
Во време на режимот, над 93.000 евра народни пари завршиле кај сегашниот шеф на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а над 67.000 евра завршиле кај неговата блиска соработничка Гордана Димитриевска Кочовска.
Ивица Томовски, човекот кој секојдневно од белиот дворец зборува за паразити е вистинскиот паразит кој како управител на АД ЕЛЕМ Турс само од плати добил над два милиони денари или над 30.000 евра народни пари.
Но пари од граѓаните Томовски добивал и пред да биде назначен на функцијата и тоа преку фирмата Сити логистик каде бил управител.
Компанијата на Томовски од АД ЕЛЕМ, односно од Мицкоски добила тендери во вредност од над 3,6 милиони денари или речиси 60.000 евра.
Но она што е уште позагрижувачко од висината на тендерите е плаќањето на одредени фактури во готово.
Еве еден таков документ каде на Сити логистик му било платена фактура во готово.
Ова е незаконска постапка, спротивно на Законот за платен промет, а таквото незаконско постапување било нотирано и во ревизорските извештаи.
Која била целта на незаконската исплата на фактури во готово и каде завршиле парите, треба да кажат Мицкоски и Томовски.
Бројни примери на паразити има во ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу нив се и сопругите на поранешните генерални секретари на Владата, Кирил Божиновски и Мартин Протуѓер, вработени во Агенцијата за електронски комуникации, како и деца на поранешни министри, пратеници и градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ вработени на високи позиции во државните и јавните претпријатија.
Додека платите на работниците во тоа време на ВМРО-ДПМНЕ беа 20.000 денари а минималната плата 8.000 денари, функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивни блиски роднини, се богателе на грбот на граѓаните кои цели 11 години беа заглавени во долгови и сиромаштија.
ВМРО-ДПМЕ е партија на паразити и ништо не може да го смени тој факт.
0