Прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
СДСМ одново покажа државнички капацитет, ставајќи ги интересите на државата и на граѓаните на прво место.
Во името на исполнувањето на националните цели и членство во ЕУ подадовме рака кон ВМРО-ДПМНЕ и добро е што Мицкоски тоа го прифати.
СДСМ нема намера да ги објаснува, ниту да ги толкува изјавите на Христијан Мицкоски.
Целата македонска јавност, преку медиумите, го слушна Мицкоски и променетиот став на партијата.
Сега, најважно е дијалогот со ВМРО-ДПМНЕ да продолжи.
Прифаќањето на уставните измени како и учество во широка Влада за европски интеграции се добра основа.
Сега потребно е да седнеме заедно и да ја продолжиме дебатата, да ја реализираме европската агенда, во интерес на граѓаните и на државата.
Нема никаква потреба ВМРО-ДПМНЕ да манифестира толку голема нервоза.
Нам ни е јасно е дека промената на ставот можеби дојде наеднаш, дека паднаа во вода сите лаги за францускиот предлог, преговарачката рамка и за договорот.
Го разбираме и тоа дека со една изјава се избришаа нотарските изјави и потписите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ против уставните измени.
Но, ќе повторам ставот и позициите на ВМРО-ДПМНЕ јавно ги кажа нивниот претседател по одржувањето на лидерската средба и во текот на вчерашниот ден.
Не е прв пат опозицијата да промени став.
Сепак овој пат тоа е добро затоа што може да доведе до заеднички придонес за продолжување на европскиот пат на земјата, секако доколку останат на она што јавно го кажа Мицкоски.
Сега не е време за нервоза, не е време за политичко ривалство, сега е време на одговорност пред нашите сограѓани и пред иднината на нашата држава.
Ајде заедно да ги донесеме одлуките и заедно да се гордееме на уште еден национален успех.
Заедно да ја обезбедиме европската иднина.