Прес-конференција на Петра Лукароска, претседателка на ОО СДСМ Прилеп
Почитувани,
Во своето повеќевековно опстојување, на општествено-економски и на политички план Прилеп имал и подеми и падови.
Меѓутоа во последните три години власт на ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески, општина Прилеп го допре дното.
Денес кога изминуваат точно 3 години од неговиот четиригодишен мандат, не постои прилепчанец кој не констатирал дека Јовчески е најлошиот градоначалник во историјата на градот.
Впрочем, што друго може да се каже за градоначалник кој потрошил 50 милиони евра без да реализира ниту една капитална инвестиција, ниту едно ветување од својот политички памфлет наречен „Изборна програма“?
Последиците од тригодишното катастрофално владеење на Јовчески и ДПМНЕ, видливи се на секој чекор.
Наместо ветеното предизборно намалување, Јовчески и ДПМНЕ ја зголемија цената на водата. За 67 отсто поскапеа и сметките за ѓубре. Поскапеа градскиот превоз и паркингот, а данокот на имот го зголемија и до фантастични 300 отсто.
Не само што нема нови градинки за 500 деца, туку за 1.100 дена власт Јовчески и ДПМНЕ не успеаја да ја стават во функција ниту градинката во Точила.
Нема бесплатен оброк за учениците до четврто одделение, ниту училишни униформи за децата од социјално загрозените семејства.
Неспособноста на општинските власти навремено да го распишат и реализираат тендерот за бесплатен училишен превоз, остави 320 средношколци надвор од образовниот процес.
Ги нема ветените катни гаражи, а од најавените три кружни текови, Јовчески успеа да го започне и да не го заврши кружниот тек пред Центарот за култура „Марко Цепенков“. Кој патем речено, со дивопоставениот и сомнително набавен споменик, претставува предмет за исмејување кај пошироката јавност.
Борче Јовчески и ДПМНЕ на граѓаните на Прилеп им ветија нов Генерален урбанистички план и затворен пливачки базен. И едното и другото останаа мртво слово на хартија.
Спортот го уништија, „Пивофест“ го затворија.
ДПМНЕ и Јовчески ги излажаа и жителите на населените места: нема детални урбанистички планови, нема мали акумулации за напојување на стоката, нема водоводни и канализациони системи.
По вина на партиските директори, јавните комунални претпријатија се пред банкрот, а поради лошото менаџирање на општинската администрација од страна на Јовчески и неговите нестручни соработници, прилепската локална самоуправа стана синоним за нефункционална институција.
Прилеп е нечист град потонат во мрак. Дупките на улиците станаа кратери, сообраќајниот хаос секојдневие, бесправното градење прерасна во урбанистичко дивеење.
Руинираните градски плоштади и обезличената Стара чаршија се срам за градот, а запуштените и испустени спортски игралишта ја изгубија својата намена.
Врв на негрижата на локалните власти за јавниот интерес и потребите на граѓаните, е пустошењето на репрезентативниот спортско-рекреативен центар кај прилепското вештачко езеро.
Почитувани сограѓани,
Ова се дел од фактите поради кои дури и внатрепартиските анализи на ДПМНЕ потврдуваат дека Борче Јовчески е градоначалникот со најслаби резултати од сите градоначалници во Македонија.
Од тие причини, она што во оваа прилика можам да ви го ветам е дека во периодот што следи, Општинската организација на СДСМ нема да биде нем набљудувач на ретроградните политики на прилепската локална власт.
Напротив. Како одговорна опозиција, нашето работење ќе биде насочено кон заштита на правото на слобода на мислење и изразување на секој граѓанин и кон разоткривање и јавно обзнанување на незаконското функционирање на општинските власти. Вклучително и на градоначалникот Борче Јовчески.
Бидејќи Прилеп заслужува подобра власт!
Ви благодарам.