Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска на прес-конференција во Собранието, повторно ја повика Владата веднаш да почне да го применува Законот за нефер трговски практики, со кој ќе се заштити буџетот на граѓаните и ќе го намали самоволието на трговците и добавувачите. СДСМ со овој закон создаде системско решение со кое воспостави јасни правила за да не може да се манипулира со цените на производите, а од друга страна и со законското решение се воспоставува ред во односите меѓу трговците и добавувачите на прехранбени производи.
„Владата да престане да тактизира со Законот за нефер трговски практики и веднаш да почне неговата примена. Овој закон опфаќа над 2.600 земјоделски производи кои се веќе дефинирани и готово применливо решение што го донесе Владата на СДСМ“-изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Со законот се регулираат 26 нефер трговски практики, со кои над 2.500 земјоделски и прехранбени производи ќе имаат ограничени маржи од 10%. Тоа значи дека нема да има неосновано покачување на цените и создавање на дополнителни трошоци кои директно ги погодуваат граѓаните.
СДСМ создаде системски закон за разлика од владата на ВМРО ДПМНЕ која носи половични мерки кои не даваат резултати. Ограничувањето на маржите за 73 производи, кое го наметна власта, не ги намали цените и не донесе олеснување за граѓаните.