Прес-конференција, Марина Кусакатска, СДСМ Аеродром
Митески да одговори каде се ветените нови 100.000 метри квадратни зеленило во Аеродром?
Почитувани,
Пред само 4 години ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром ветуваше нови 100.000 метри квадратни паркови и зеленило.
Нашите сограѓани се сведоци, ниту еден нов парк во Аеродром не е подигнат за 4 години.
Наместо тоа, неискосени и пожолтени тревници полни со ѓубре и искршена урбана опрема, се последиците од управувањето на Дејан Митески, Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ со Општина Аеродром.
Паркот „Радост“ на 5.000 метри квадратни во Реонски центар кои требаше да биде готов во првата година од мандатот, уште не е готов.
Градежни маркици наводно се бришеа, а Мицкоски се појави уште во 2022 година на почетокот на активностите за уредување на овој парк.
Нов парк на 5.000 метри квадратни ветија дека ќе подигнат и кај касарната „Гоце Делчев“. За ова немаат ниту проект.
Уште еден нов содржински парк на 5.000 метри квадратни требаше да биде подигнат во срцето на Ново Лисиче, со нови реквизити и содржини за сите возрасти на деца.
Нема ништо од тоа. Само неискосена и пожолтена трева го дели Реонски центар од Ново Лисиче.
Ветија паметен систем за наводнување на тревниците меѓу зградите, а не можат да ги поправат ни постоечките системи за наводнување.
Паркот Авионче требаше да прерасне во мал луна парк, а паркираните возила на патеките и во тревниците требаше да биде минато.
Нови паркови за миленици ветија во секој нов и во секој постоечки парк. Ниту еден не е направен во последните 4 години.
Дејан Митески и Тимчо Муцунски беа неспособни да ги одржуваат ни парковите подигнати од нивните претходници, а не да подигнат нови.
Аеродром важеше најзелената општина во Скопје до пред само 4 години.
Денес Аеродром е општина со најзапуштени паркови полни со отпадоци и паднати суви гранки на секој чекор.
Со кое лице Дејан Митески ќе бара втор мандат во Аеродром?
Имаат ли господата од ДПМНЕ трошка срам?
Времето на Дејан Митески и ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром истече!