Прес конференција на СДСМ, Јованче Манасков – Комисија за образование
СДСМ: Брутална партизација на образованието пред избори –Јанеска и ВМРО-ДПМНЕ го претворија Инспекторатот во партиски штаб
Почитувани,
Весна Јаневска и ВМРО-ДПМНЕ спроведуваат брутална партизација во образованието пред изборите.
Во очи на распишување на локалните избори, гледаме масовни незаконски огласи за вработување и напредувања само по партиска линија, за вдомување на кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Државниот просветен инспекторат, под диригенство на Јаневска, станува партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Според информациите кои ни ги доставија свиркачи:
Соња Зашоска, советничка во Општина Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, треба да биде унапредена во раководител на одделение за инспекциски надзор и оценување на квалитет.
Таа е истата инспекторка која го заштити Бојан Христовски од АНБ и неговото незаконски стекнато образование.
Дали ова е награда за неа? Очигледно.
Понатаму, Валерија Анастасова, советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, според истите информации од свиркачите, ќе биде унапредена во раководител на сектор за стручно-административни работи.
Христина Јованоска, сегашен инспектор, ќе биде поставена за помошник главен инспектор.
Јане Николоски, исто така кадар на ДПМНЕ, ќе биде назначен за помошник раководител на сектор за односи со јавност и превод.
Паралелно со ова, се распишува јавен оглас за нови вработувања во инспекторатот – исто така по партиска линија.
Партизацијата на образованието е брутална, на сите можни нивоа и со незаконски огласи за вработувања.
Само во последните неколку дена, распишани се незаконски огласи за вкупно 123 работни места – наводно за образовни асистенти во училишта кои не се трансферирани во ресурсни центри.
Огласите се незаконски затоа што, според Законот за средно образование, само такви установи можат да вработуваат образовни асистенти.
Незаконитостите не застануваат тука:
Интервјуата за дел од огласите започнале уште пред да истече рокот за пријавување. Постапките биле координирани од директорот на „Искра“, Марјан Арсов, од странство преку приватна Viber група.
Бараме:
– Итно да се поништат овие срамни огласи и незаконски унапредувања.
– Да се разрешат сите директори кои спровеле незаконска постапка.
– Да се запрат партиските вработувања и унапредувања.
Ова е срам за образованието, срам за институциите, срам за државата. Наместо квалитет и независност, добиваме партиска приватизација на институциите – на штета на учениците, наставниците и сите граѓани.