Соопштение за јавност
Пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ повторно си пукаше во нога. Во обид да го оцрнат Зоран Заев кој ги откри сите нивни криминали и злоупотреби, всушност самите ги докажаа сите обвинувања за партиско делење на пари на граѓаните.
Според податоците достапни преку Електронскиот систем за јавни набавки, точно е дека АДГ Пелагонија Струмица во 2013 година има добиено три тендери во вредност од 7.846.354 денари. Но, точно е и лесно проверливо дека оваа фирма тендерите за чистење на каналите ги добила за време на претходното раководство, кога со неа управувале луѓе блиски до партијата на Никола Груевски.
Од доаѓањето на новото раководство на АГД Пелагонија, фирмата нема добиено ниту денар пари од државниот буџет.
Министерството наместо дополнително да се заплеткува во неуспешни обиди да ја префрли водата на туѓа воденица, е должно пред јавноста да одговори за јасниот судир на интереси на министерот за земјоделство Михаил Цветков, кој во време на склучување на договорот со Силекс Неметали и исплата на парите бил член на Управниот одбор на Силекс АД Кратово. Изјавата на нотар која Цветков никогаш не ја покажа, дури и навистина да постои, не ја исклучува неговата одговорност, бидејќи според Централниот регистар, јасно стои дека во тој период бил член на УО на Силекс АД Кратово. Но, ова најдобро ќе биде да им го објасни на истражните органи, од кои очекуваме разрешница по поднесената кривична пријава.
Од она што го констатираше Ревизорот, факт е дека незаконски потрошените 3 милиони евра легнале на сметките на фирмите блиски до власта на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие што ги направиле злоупотребите ќе одговараат! По 11 декември доаѓа нова одговорна влада, животот на граѓаните нема да се загрозува заради полнење партиски џебови.
Скопје, 10.09.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА