fbpx

Филипче: Резолуцијата јасно ги дефинира црвените линии, партиите да покажат зрелост

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Филипче: Резолуцијата јасно ги дефинира црвените линии, партиите да покажат зрелост

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, денеска во одговор на новинарски прашања поврзани со Предлог резолуцијата за заштита на националните интереси и деблокирање на европскиот пат, поднесена од страна на СДСМ, истакна дека станува збор за документ со суштинска вредност кој, како што рече, е можеби „еден од најпатриотските документи коишто биле понудени на оваа политичка сцена изминатите повеќе децении“.

Во врска со реакциите од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Филипче изјави дека сите факти во Предлог резолуцијата се прецизни и точни.

„Искрено жалам што таква изјава даде премиерот. Прво, сè што е наведено во таа резолуција е точно, и да кажам, многу прецизно. Таму се наведени историски факти, наназад резолуции претходно донесени во Собранието. Точно е наведено што во тие резолуции претходно е веќе заштитено“, рече Филипче.

Тој објасни дека Предлог резолуцијата отвара простор за долгорочен национален договор за прашањата за кои, како што рече, никогаш не треба да се преговара.

„Ова е еден од најпатриотските документи кои што биле понудени на оваа политичка сцена изминатите повеќе децении, поради тоа што отвора простор и врата конечно да се постигне национален консензус за нашите црвени линии – за што ние утре нема да преговараме со Европската Унија, доколку се постави такво прашање. Тоа од што луѓето стравуваат во иднина, и тоа се – јазикот, идентитетот, културата и историјата“, изјави Филипче.

Во однос на понатамошните чекори, Филипче изрази надеж дека кампањата ќе придонесе за зрелост и одговорност кај сите партии.

„Искрено сметам дека ќе се надминат, во следниот период, за време на кампањата, себеси сите политички партии, вклучувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ, дека, ако ништо друго, ќе најдат сила и ќе седнат на маса да дискутираме за овој документ, поради тоа што времето сериозно не гази. Регионот оди напред, а ние тука не гледаме никаков напредок.“

Одговарајќи на прашањето дали СДСМ би прифатил резолуција предложена од ВМРО-ДПМНЕ, Филипче одговори:
„Апсолутно, и ова е дел од нашата конструктивност. Не знам што може по македонско да биде од ова, но ајде да видиме“, рече Филипче.

На новинарско прашање дали по испраќањето на резолуцијата добиле позитивен сигнал од другите партии, претседателот на СДСМ рече дека реакциите допрва се очекуваат:

„Не, во текот на вчерашниот ден ја испративме, така што јас верувам дека немале време да ја погледнат. Можеби треба и еден ден да стигне дотаму, така што очекувам во следниот период.“

Во однос на тоа зошто СДСМ смета дека е подобро решение да се подготви заедничко писмо до ЕУ наместо да се напуштат преговорите, Филипче изјави:

„Прво, ова е решение коешто е поинакво од сите други поради неколку работи. Прво, ја содржи хронологијата на сите претходни резолуции донесени во Собранието. Второ, за првпат е предлог документ којшто треба заеднички да се работи, модифицира и да се поднесе. Значи, вистинско седнување на маса, како сите сериозни држави, постигнување на национален консензус, а не само празни флоскули, најави итн, и после не правење ништо, што всушност се случува. И третата работа е што има јасна временска рамка“, рече Филипче.

Тој додаде дека документот вклучува конкретни предлози за тоа кога треба да започне процесот на уставни измени и кога да се отворат поглавјата во преговорите со ЕУ, со јасна комуникација до Брисел што за Македонија претставува црвена линија, а што не.

„И ЕУ треба да знае што ние сметаме дека е нешто што загрозува некакви наши црвени линии во текот на преговорите, а што не, и во тој контекст, едно писмо за информирање на сите релевантни структури во рамки на Унијата“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Последни вести