Соопштение за јавност
Филипче од Струга: Секој ден лоши економски податоци, со ВМРО-ДПМНЕ економијата бележи само пад
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом”, која вечерва се одржа во Струга, истакна дека со погрешните економски политики на ВМРО-ДПМНЕ, секој ден слушаме лоши економски податоци.
„Секој ден добиваме нови лоши економски податоци – пад на индустриското производство, преполовени странски инвестиции, намален број на работници во индустријата за 2,6%“, рече д- р Филипче.
Тој напомена дека власта упорно доцни со повратот на ДДВ, нешто што законски им следува на компаниите и што е потребно за нормално работење и развој на производството.
„Со погрешните економски политики, ВМРО-ДПМНЕ ја влоши ликвидноста на компаниите. Околу 12.000 компании доцнат со исплата на плати, некои веќе почнаа да отпуштаат вработени”, потенцираше лидерот на СДСМ, д-р Филипче.
Тој додаде дека оваа влада ја довела економијата до колапс, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ се грижи само за лични партиски интереси и луксуз, наместо за потребите на народот.
„Граѓаните заслужуваат економски раст, сигурни работни места и стабилна држава, а не празни ветувања и неправедни политики“, порача д-р Филипче на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом”, во Струга.