Соопштение за јавност
Зошто министерот за правда Валдет Џафери не го потврдува тоа што го тврди министерот за финансии Кирил Миноски, дека Министерството за правда издало правно мислење за правната важност на еврообврзницата тешка 450 милиони евра?
Јавноста дозна дека на конференциската врска со кредиторите во понеделникот каде што се договарало незаконското задолжување на државата од 450 милиони евра присуствувала заменичката на Џафери од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Бришковска.
Дали Џафери и дал овластување за тоа на Бришковска?
Дали можеби во брзање да се издаде еврообврзницата се направени нови кривични дела и дали во договор на релација Груевски Ахмети?
Ова треба да го објасни Кирил Миноски кој денеска неуспешно се оправдуваше за историското финансиско злосторство тешко 450 милиони евра, плус камати, што им го направија тој и другите соработници на Груевски, на граѓаните на Македонија.
Безобразно е Миноски да зборува за капитални проекти бидејки секоја година со ребалансите на буџетите кратат од клучните потреби на граѓаните, здравството, земјоделството, инфраструктурата, додека расфрлуваат народни пари по тендери за барок и врби кои завршуваат во џебовите на фамилијата.
Миноски не може да се амнестира од одговорноста што си ја навлече и воопшто да не помисли дека може да се извлече со апсурдни обвинувања.
Да ги почитуваше извршителот на Груевски законите и да го прифатеа укажувањето на СДСМ да се издаде еврообврзница согласно постапката од ноември 2015 година, каматата сигурно ќе беше помала.
Ќе стане многу брзо јасно кој се учествувал во незаконското издавање на еврообврзницата.
Одбројани се деновите на криминално – корупциската власт на Никола Груевски.
Сите инволвирани лица во издавањето на незаконската 450 милионска еврообврзница ќе одговараат.
Скопје, 22.07.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА