Соопштение за јавност
Шукова: Урбанизмот ќе биде транспарентен, паркирањето решено системски
Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, денеска од Карпош истакна дека решавањето на проблемот со паркирањето и уредувањето на урбанизмот се врвни приоритети во нејзината програма.
Таа најави решенија, како паметни паркинзи со дигитална наплата и информации во реално време, како и зони за паркирање на периферијата поврзани со јавен превоз. Една од мерките во програмата е субвенциониран паркинг преку стратегијата „Скопје за сите“ каде се опфатени семејства со ниски приходи, пензионери, млади невработени и лица со попреченост.
„Секој нов урбанистички проект ќе мора однапред да предвиди паркинг, зелени површини и простор за пешаци – не по изградбата, туку како предуслов,“ потенцираше таа.
Шукова најави и дека урбанизмот ќе биде целосно транспарентен: сите планови ќе бидат достапни онлајн, со можност граѓаните да даваат свои предлози и коментари.
„Ќе донесеме нов, строг и еколошки Генерален урбанистички план и ќе ја изработиме стратегијата ‘Скопје 2050’, која ќе е долгорочна визија за Скопје со мешовити урбани зони и уредени јавни простори,“ додаде таа.
Шукова порача дека е време Скопје да се развива плански и во интерес на граѓаните:
„Скопје мора да се развива паметно. Не може веќе да се бориме со хаосот. Скопјани заслужуваат многу подобро.“