fbpx

Најавениот ребаланс на Буџетот е погубен за Македонија, за економијата и за граѓаните

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Новиот почетник министер за финансии, Кирил Миноски со своето скандалозно прво интервју, а сега и со неговата прва владина прес конференција на која ги презентираше основните параметри на предлог ребалансот покажува елементарно непознавање на јавните финансии и економијата.

За Миноски задолжување преку еврообврзница е нешто како банкарска гаранција во Народна банка, свеж капитал за зголемување на приватната потрошувачка, а не ново задолжување на граѓаните. Очигледно тој се нафатил да го спасува својот шеф Никола Груевски штом изјави дека со ребалансот планира да крати кај капиталните инвестиции, а истовремено со тоа да го зголемува буџетскиот дефицит.

Кирил Миноски нека ја прочита web страницата на Министерството за финансии за да види дека капиталните инвестиции од почетокот на оваа година имаат катастрофална реализација од само 16% и се за 20 милиони евра помали во однос на минатата година.

Ваквото кратење на капиталните инвестиции и зголемувањето на референтната каматна стапка од страна на гувернерот Богов ја водат економијата во ризик од рецесија и раст помал од 1%. Тоа значи дека ќе имаме и историски највисоко ниво на буџетски дефицит од 4,3%.

Единствената цел на новиот ребаланс на Буџетот е создавање на услови и атмосфера за ново задолжување преку еврообврзница. Миноски треба да знае дека тој сноси директна одговорност со ставањето на сопствениот потпис за ново огромно задолжување на граѓаните и не треба да го слуша слепо Никола Груевски.

Сите коишто слепо го слушаа Груевски изминативе 10 години денеска се соочуваат со десетици кривични пријави. Со нов долг и клиентелистичкото истурање на нови стотици милиони евра Никола Груевски сака на момент да се спаси од правдата којашто му следува. Миноски треба да знае дека со самото предлагање на новиот ребаланс тој станува директен соучесник.

По стапките на заминатиот министер Ставрески којшто ги бркаше пратениците од Парламентот за да донесе неразвоен и нетраспарентен Буџет, новиот министер за финансии чекаше опозицијата да го замрзне своето учество во Парламентот за да донесе нов погубен ребаланс на Буџетот. Ваквите потези се нарачка на Никола Груевски кој по секоја
цена сака да ја спаси својата кожа.

Овој ребаланс на Буџетот е погубен за Македонија, за економијата и за нејзините граѓани.

Она што е најважно е дека сите претходни задолжувања направени на домашниот пазар оваа година заедно со евентуалното издавање на нова еврообврзница која и официјално ќе биде најавена со овој ребаланс, ќе бидат нелегални и оспорени како јавен долг на грбот на граѓаните.

Тој долг може да биде само приватен долг на Груевски, Ставрески, а сега на новиот мнистер Миноски. За тоа мораат да бидат свесни сите кредитори.

Скопје, 24.06.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА

Последни вести