Соопштение за јавност
Филипче од Гази Баба: Мицкоски сака негово судство, СДСМ нема да дозволи нови тефтерчиња од Белата палата
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, вечерва од Гази Баба каде се одржа граѓанска трибина „Се бориме за нашиот дом“ го обвини Христијан Мицкоски дека не сака реформи во правосудството туку го сака скроено по свој терк како во времето на Груевски и порача дека СДСМ нема да дозволи нови тефтеричња од белата палата.
„Тоа е нивната намера, да закочат сè за да го вратат судството како во времето на Груевски. Не знае ВМРО-ДПМНЕ да владее ако има независни институции. Па кој ќе ја покрива нивната неспособност? Кој ќе нарачува пресуди кога ќе бидат во густо? Тоа е проблемот, на Мицкоски му треба судството под контрола за да може да сее страв, да се заканува, да уценува, исто како што беше во времето на неговиот ментор Груевски. Затоа избега од подадената рака на СДСМ за реформи. Му реков, ајде да ги донесеме реформите тоа го бараат граѓаните. Бараат независно судство, европски реформирано судство. Ајде да ја вратиме довербата во институциите. Јас не се плашам од независно судство, ама изгледа се плаши тој. Пола влада со кривични пријави, пола партија со матни бизниси. Затоа не сака“, порача Филипче.
Филипче во Гази Баба исто така рече дека наместо правда и реформи, наместо судска фела и експерти, граѓаните добија само неправди по што испрати порака дека СДСМ нема да молчи ниту ќе дозволи партизација во судството.
„Сега јасно му порачувам да престане да се заканува што ќе правел по изборите. Да не мисли дека ќе му молчиме ако решил да го партизира судството. Тоа нема да се дозволи. Или ќе има темелни реформи па нека одговараат сите што грешеле или нови судии од тефтерчињата од Белата палата нема да дозволиме“, потенцираше претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче од Гази Баба.