Соопштение за јавност
Филипче: Како да задржиме млад човек во државата со ниски плати кои не покриваат трошоци?
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Тетово, упати критика кон економските и социјалните политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, предупредувајќи дека младите си заминуваат поради ниски плати, сиромаштија и целосна нефункционалност на институциите.
„Како да го задржиме млад човек тука со плата што не ја покрива ни киријата ни сметките? Каква иднина да градиме, ако човек со полно работно време е сиромашен?”, праша д-р Филипче.
Тој пред присутните граѓани истакна дека Македонија денес се соочува со највисоки цени за храна во регионот, додека владата наместо вистински антикризни мерки, нуди лажни кампањи и ПР-манипулации со „потрошувачки кошници“.
„Кога и оваа манипулација им излезе на виделина – ги оставија граѓаните сами да се снаоѓаат, да прават математики како да го преживеат месецот. Оваа власт не нуди решение, туку создава очај“, истакна лидерот на СДСМ, д-р Филипче.
Филипче се осврна и на измамените пензионери, кои наместо најавените зголемувања, добија само симболично покачување:
„Со разно-разни формули и пресметки што никој не ги разбира, пензионерите добија само илјада денари повеќе, а со моделот на СДСМ ќе имаа двојно поголеми пензии“, рече тој.
Посебен акцент стави и на тешката состојба на земјоделците, кои, како што нагласи, се оставени без поддршка, со намалени субвенции и обесценет труд.
„Кога ќе се уништи селото, се уништува и градот, и трпезата на секое семејство. ВМРО-ДПМНЕ ги заборави оние што го хранат народот”, додаде Филипче.
Филипче потенцираше дека нема категорија на граѓани која не е излажана и погодена од погубните политики на актуелната власт.
„Оваа власт ја остави државата без визија, без план и без надеж. Нашата задача е да ја вратиме довербата во институциите, да обезбедиме повисоки плати, стабилни пензии, вистинска поддршка за земјоделците и шанса за младите да останат дома”, порача д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашата иднина“, што вечерва се одржа во Тетово.